Патната инфраструктура во источна Македонија добива нов лик

Министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески заедно со директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Љупчо Георгиевски, денеска изврши увид на градежните активности на експресниот пат Велес-Штип до Кадрифаково.

Јанакиески истакна дека на терен ја согледал динамиката со која се одвиваат градежните активности. Делницата која тој ја посети е 9 километри и вреди 6,5 милиони евра, а проширувањето ќе биде со три коловозни ленти односно 11 метри.

„Овој патен правец е ветување во програмата на Владата, но исто така и барање и потреба од граѓаните. Оваа делница е стара над 50 години, а по завршување на градежните работи ќе се овозможи побезбеден и помодерен сообраќај“, истакна Јанакиески.

janakieski-uvid2-500

Реконструкцијата со одредено проширување чини околу 15 милиони евра, а вкупно се опфатени 24 километри. Еден дел од патниот правец веќе е завршен.

Воедно, во моментов се работи и на проектирањето за проширување и реконструкција на делницата од Штип до Кочани кој се очекува да започне со градба кон крајот на наредната година. Согласно владината програма во иднина планиран е и експресен пат од Штип до Радовиш кој треба да започне да се гради кон крајот на 2017 година.

Во тек е изградбата и на автопатот „Гоце Делчев“ од Скопје до Штип, а Јанакиески истакна дека паралелно се работи на голем број локални патишта со што Владата работи посветено на реализација на програмата ветена пред граѓаните.

Низата реконструкции на патиштата, како и изградбата на нови, односно создавањето на квалитетна инфраструктура значи и подобрување на економската перспектива во државата.