Патник нападнал возач на автобус, 11 лица повредени

Патник денеска во Истанбул со чадор нападнал возач на автобус, по што тој загубил контрола врз возилото и предизвикал верижен судир во кој учествувале и неколку други возила. При инцидентот се повредени 11 лица, соопштија локалните власти.

Автобусот се судрил со друг двокатен автобус и со три автомобили на улица во квартот Аџибадем, за време на утринскиот метеж, стои во соопштението.

Прес-службата на гувернерот на Истанбул пак, соопшти дека 11 луѓе, меѓу кои и нападнатиот возач на автобусот, се повредени при инцидентот, но се вон животна опасност.

– Патникот кој го нападнал возачот е приведен, но засега мотивите за физичкиот напад се непознати, се додава во соопштението.