Патник од урнатиот малезиски авион носел маска за кислород

Еден од загинатите патници на малезискиот „Боинг-777“, што во јули беше соборен во Украина, бил пронајден со маска за кислород на лицето.

Авионот, што леташе од Амстердам за Куала Лумпур на 17 јули падна над источна Украина, при што загинаа сите 298 патници и членови на екипажот, главно Холанѓани.

Досега се сметаше дека сите во авионот загинале веднаш.

Првичниот извештај за причините за несреќата, објавен од холандскиот Совет за безбедност, не соддржеше никакви сведоштва за маската за кислород.

Според податоците на организацијата, Боингот бил „удрен од мноштво висококоцентирани честички, поради што веројатно се распаднал уште во воздухот“. Според експертите, во таква ситуација, луѓето во авионот живееле уште само неколку секунди.