Патниот правец Скопје – Велес утре два часа затворен за сообраќај

Поради минирање, утре од 10 до 12 часот во прекин ќе биде сообраќајот на патниот правец Скопје – Велес, од 52 км до 53 км (после манастирите). Во зависност од обемот на работите, можни се повремени пропуштања на возила, информира Авто-мото сојузот на Македонија.

Сообраќајот на сите државни патишта се одвива по суви коловози, а интензитетот на патните правци надвор од градските средини е умерен.

На граничните премини нема подолги задржувања за влез и за излез од државата од македонска страна.

АМСМ препорачува внимателно возење, прилагодена брзина на движење и почитување на поставената сообраќајна сигнализација. Посебно внимание е потребно на делниците кои минуваат низ клисурите и засеците, особено на патните правци Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Демир Капија – Удово, Кочани – Делчево, Виница – Берово каде е можна почеста појава на одрони.