Патот Охрид – Ресен преку Галичица непрооден, туристи заглавиле во снегот

Патниот правец Охрид-Ресен преку Галичица, од месноста Корита до Отешево повеќе од пет месеци е затворен за сообраќај за сите возила. Иако станува збор за сезонско затворање на патот, кој според најавите требаше да биде исчистен и прооден до 31-ви март 2015 година, преку овој патен правец се уште не може да се патува, пишува порталот Охрид Њуз.

Голем број туристи во текот на овој период од годината сакаат да ги видат убавините на планината се спречени во таа намера, но има и такви кои поради неинформираност за состојбата на патот заглавиле со своите возила.

Ваков случај бил евидентиран минатата недела, кога морала да интевенира Единицата за спасување на планина која функционира во рамки на Црвениот крст во Охрид.

Порталот Охрид Њуз пишува дека се работело за туристи од Скопје кои биле во туристичка посета на Преспанскиот регион и решиле да патуваат до Охрид преку овој патен правец.

pat_1 (1)

-Поради тоа што патот не е исчистен, заглавиле во снегот со своето возило. Кога се обратија до нас за помош, ние пристапивме од потегот на Корита но поради снегот не успеавме да стигнеме до нив со возило, па беше потребно од другата страна некој да ги извлече. За среќа, во близина на местото каде што беше заглавено возилото имаше паркиран трејлер со француски туристи кои ни помогнаа во извлекувањето на возилото од снегот, раскажува Антонио Додевски од Единицита за спасување на планина.

Тој нагласува дека и скопските и француските туристи тврделе дека не забележале сообраќаен знак од страната на Отешево, како преупредување дека патот е затворен и не е прооден.

PAT3

-Од нашата страна односно од правецот на Трпејца има предупредување дека патот е чист само до месноста Корита и дека понатаму не е прооден за сообраќај. Доколку тврдењето на туристите е вистина и дека од другата страна на патниот правец нема предупредување, тоа може да значи дека голем број туристи и патници се враќаат назад кога ќе дојдат до делот на патот каде има поголема количина на снег на коловозот, вели Додевски.

Од охридската секција на ЈП „Македонијапат“ велат дека немаат информација дали од страната на Отешево има знак за предупредување дака патот е непрооден.

фото: Ohridnews

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.