Српско-унгарски полициски патроли на границата меѓу Србија и Македонија

Српско-унгарски полициски патроли почнаа од денеска на границата меѓу Македонија и Србија.

При посета на базата на Нуркачката единица на жандармеријата во Белград, српскиот министер за внатрешни работи, Небојша Стефановиќ истакна дека десет унгарски полицајци учествуваат во четири патроли опремени со термовизиски камери, кои патролираат на македонско-српската граница со цел да спречат илегални преминувања на имигранти.

– Работиме на намалување на нелегални преминувања и наскоро ќе почнеме соработка и со германската и австриската полиција, рече Стефановиќ, прецизирајќи дека во Србија во наредниот период ќе пристигнат 20 германски и 10 австриски полицајци опремени со термовизиска опрема.

Тој додаде дека за проблемот со илегалните имигранти српските власти разговорале и со бугарската полиција.

– Ќе имеме серија на состаноци да договориме заедничка патрола за поефикасна заштита на границата, но и осигурување на основните човечки права на имиграните, порача српскиот министер.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.