Свет

Патрушев: Америка потроши пет милијарди долари за државен удар во Украина

Патрушев: Америка потроши пет милијарди долари за државен удар во Украина
Патрушев: Америка потроши пет милијарди долари за државен удар во Украина

Америка стои зад државниот удар во Украина и за таа цел потроши пет милијарди долари, изјави секретарот на рускиот Совет за безбедност Николај Патрушев, објави МИА.

– Промената на власта во Украина ги поттикна настаните што таму се случија. Асистентот на американскиот државен секретар Џон Кери, Викторија Нуланд изјави дека САД потрошиле пет милијарди долари за организирање на тие настани, изјави Патрушев во интервју за „Комерсант“.

Патрушев нагласи дека е апсолутно јасно дека зад проектот за дестабилизирање на Украина стои обид за креирање инструмент за ослабнување на Русија.

– Истовремено, тие настојуваат земјите од ЕУ да гледаат краткорочно со воведувањето санкции кон Русија, игнорирајќи ги нивните национални интереси, нагласи Патрушев.

Според Патрушев САД одлучиле да го соборат насилно украинскиот претседател Виктор Јанукович.

– Тоа беше политичка грешка. Само малку да почекаа, можеа да постават луѓе кои сакаат по легитимен пат, но тие организираа државен удар. Немаше да се случи ништо на Крим и во Источна Украина да не беше државниот удар, истакна Патрушев, пренесува ТАСС.

Патрушев нагласи дека Јанукович не го одложил потпишувањето на договорот за приклучување кон ЕУ поради притисок од Москва, туку поради тоа што едноставно сфатил што значи неговата примена.