Патувачкиот театар ,,Поклони се и падни,, на театарскиот фестивал во Кочани

,,Да се има брат е вистинско богатство, а да се има сестра уште поголемо,, е пораката што вчера актерите на Патувачкиот театар  од Вевчани на еден спектакуларен начин ја пратија на најмладата публика во Кочани.

Театарската претстава ,,Јованче и Марика,, во режија на Душко Кукоски се натпреварува во официјална конкуренција на  51 издание на  ДАФ – Кочани кој свечано беше отворен на 25. Мај, а трае до 30. Мај. Вистинско воодушевување за публиката беа најмладите членови на Патувачкиот театар, Давор Бетоски и Ева Костојчиноска во улогите на Јованче и Марика. Младата Зорица Мурџеска го толкуваше ликот на зајачето, а веќе потврдените актери на театарската сцена во Вевчани: Славе Бебекоски, Наташа Ташкова и Стефан Попаѓиноски ги толкуваа ликовите на  таткото, вештерката и гавранот.

Претставата изобилува со многу музика што специјално за овој проект ја направи Перо Пешиноски, а за техничка реализација на претставата се погрижија Кирил  Бебекоски и Томе Шутиноски. Патувачкиот театар ,,Поклони се и падни,, работи во рамките на Здружението – КУД ,,Дримкол,, од Вевчани.