Патувачкото кино Македокс ќе се одвива во Демирхисарскиот регион

Фестивалот на креативен документарен филм „Македокс“ тргнува на Патувачкото кино, кое годинава ќе се одвива во Демирхисарскиот регион.

Таму се извива највисокото гратче на Балканот, кое го воодушевило и Корбизје со својата архитектура. Бабиното милениче со 12 маала, град-востаник, центар на првата независна република на Балканот. Таму е извориштето на големи поетски и прозни умови. Таму се слави пирејот на единствениот Петре М. Андреевски. Таму извори жуборат на секој чекор, таму високо вирее тартуфот. Таму е родниот крај и вечното почивалиште на едночудо македонски револуционери. Таму се наоѓа и едно мијачко село, некогаш надалеку познато по смилевските ѕидари. Таму се донела одлуката за кревање на историското Илинденско востание. Таму историјата ја чуваат безброј археолошки наоѓалишта и споменици на НОБ. Таму тече најголемата десна притока на Вардар, таму шумат букови и дабови шуми. Таму се наоѓа најголемата приватна библиотека во Македонија. Таму и ден-денес се произведува ќумур на традиционален начин. Од турско ја викаат Железна планина зашто е богата со железна руда. Или по нашки, Демир Хисар. Ете таму патува нашето патувачко магаренце годинава!

Од 17 до 28 август карванот на „Македокс“ ќе овозможи синеастичко доживување во осум демирхисарски села, а ќе тргне од градот Крушево по следниот редослед: Крушево (17 август), Журче (18 август), Жван (20 август), Единаковци (21 август), Слепче (23 август), Смилево (24 август), Бабино (26 август), Сопотница (27 август) и Слоештица на 28 август 2014 година.

Патувачкото кино е старо колку и фестивалот на креативен документарен филм „Македокс“ и веќе петта година со своето патувачко магаренце ги посетува подзаборавените, а восхитувачки убави региони во Македонија. Целта на Патувачкото кино е непосредно да влијае во процесот на децентрализација на културата во државата и да овозможи кинопроекции во мали и рурални места, кадешто жителите немале можност за синеастичко доживување повеќе од 40 години.

Фестивалот на креативен документарен филм „Македокс“ и Патувачкото кино се поддржани од Националната фондација за демократија од Вашингтон, Амбасадите на САД, Холандија и на Шпанија во Скопје, Министерството за култура на РМ и Агенцијата за филм на РМ, Градот Скопје и Канцеларијата на ЕУ во Скопје.

 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.