Паулињо ѝ ја донесе победата на Барса кај Хетафе

Фудбалерите на Барселона останаа со максимален ефект и по 4-то коло од шпанската Примера откако многу потешко од очекуваното славеа на гостувањето кај Хетафе со 2:1.

На Каталонците победата им ја донесе новото засилување Паулињо, платен 40 милионна кинески Гуанжиу Евергранде , со голот на шест минути пред крајот по додавањето на Лионел Меси.

Клубот од предградието на Мадрид поведе во 38 минута со прекрасниот волеј на Јапонецот Гаку Шибасаки, а изедначи Денис Суарез, исто така, со одличен удар во 68 минута.

Претходно во саботата во градското дерби Леванте и Валенсија одиграа 1:1. Поведоа гостите преку Родриго во 33 минута, а за Леванте изедначи македонскиот интернационалец Енис Барди во 41 минута. И двата клуба од Валенсија засега се непоразени во првенството.

Во саботата Еибар го совлада Леганес со голот на Галвез Алехандро во 54 минута. Со двата гола на Жоакин, во 15 и 77 минута Бетис го совлада Депортиво за кој изедначи во 24 минута Картабија Феде.

Барселона е во водство на табелата со 12 бодови, Реал Сосиедад има 9 и меч помалку, а Реал Мадрид е дури 10-ти со пет бодови и исто така натпревар помалку.