Павлески: Позитивните извештаи помагаат во привлекувањето на инвеститори

Секој позитивен извештај во однос на привлекување на странски инвестиции е добредојден. Секако дека помага многу во однос на привлекување инвестиции особено со оние со кои досега не сме имале соработка и контакти, изјави за ТВ Нова министерот за странски инвестиции Бил Павлески.

-Ова е веќе втора година како Македонија е рангирана како прва во светот по нови вработувања, а ова служи како доказ на странските компании дека во земјата има добра бизнис клима. Со анализите што се спроведуваат се вреднува и квалитетот на работната сила, односно, дали земјата може да акумилира поголем број на работни места кои би се креирале и дали има соодветен кадар. Ова е само една добра алатка која можеме да ја искористиме во наша полза, а со цел привлекување на што поголем број на компании, изјави Павлески.

Тој додава дека позитивните извештаи се потврда и дека оние компании кои ги отвориле своите врати се задоволни не само од бизнис климата, туку и од политиката што Владата ја спроведува во насока на привлекување на инвеститори, како и дека покрај политичката криза инвеститорите не се предомислиле во своите намери за вложување во своите бизниси во Македонија.

-Ова рангирање се должи на макотрпната работа на сите членови на владата што претходните години се залагаа за економски напредок на земјава и начини за отварање на сè поголем број на работни места. Уште лани имаше најавени инвестиции, а фабрики отворија околу 30 компании. Годинава има над 17, а до крајот на годинава ќе бидат објавени и поголем број на други компании кои ќе инвестираат, вели Павлески.

Тој појаснува дека во таквите компании досега се вработени над 16.000 работници.

-Во следнава година очекуваме оваа бројка околу 30.000 дирекни вработувања, но и индиректни, вели Павлески.