Павлопулос: Поради барањето за името ќе останете надвор од ЕУ

Македонија беше, е и ќе остане грчка, порача грчкиот претседател Прокопис Павлопулос во рамките на неговото прогласување за почесен граѓанин на Воден. Како што јавува дописникот на Нетпрес од Атина, Павлопулос уште еднаш се закани дека поради барањето за уставното име, што за него претставувало иредентизам, немало да станеме членка на Европската Унија.

“Барањето за името, што значи иредентизам, го прекршува европското право, па затоа нема интеграција на нашите соседи во Европската Унија, бидејќи не ги задоволуваат ниту условите на институционалното законодавството на ЕУ.  Да разјасниме, ние сакаме добрососедски односи и пријателство. Но, тоа минува низ почитувањето на историјата и институциите на Европа”, изјави Павлопулос.

Прогласувањето на Павлопулос за почесен граѓанин на Воден беше во рамките на прославата на како што се наведува “ослободувањето” на градот од Турците во 1912 та година.

Грчкото вето за македонската евро-атлантска интеграција беше реафирмирано и од шефот на грчката дипломатија Никос Коѕиас во интервјуто за неделното издание на весникот “Етнос”.