Павлоски: Незаконското работење на Спасовски во МВР може да предизвика сериозни последици

На незаконското работење на министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски мора да му се стави крај пред да се предизвикаат посериозни последици, предупреди во понеделникот Сашо Павлоски од ВМРО-ДПМНЕ истакнувајќи дека станува збор за политичка хајка на потпретседателот на СДСМ се и професионалци кои „храбро и бескомпромисно работеа“ и на случаи како безбедносните операции „Монструм“, „Планинска бура“ и „Диво насеље“.
Павлоски потсети на недемантираните информации дека во изминатиот период команданти на единици, началници на сектори, помошници кои зад себе имаат искуство и по 20 и по 30 години во Министерството за внатрешни работи, се на удар на потпретседателот на СДСМ, министерот Оливер Спасовски кој изнудува нивни оставки.

„Сите оние кои имаат личен и професионален интегритет во министерството станаа предмет за отстрел на новиот министер и неговиот политички тим. Тие се цел само заради тоа што потпретседателот на СДС, се сомнева дека нема да ја злоупотребуваат службената положба и слепо да ги следат и извршуваат политичките нарачки на Бихаќка“, рече претставникот на ВМРО-ДПМНЕ.

Според Павлоски, цел на Спасовски се и сите професионалци кои работеле на докажување на криминалот на наркодилерите блиски до премиерот Зоран Заев и партискиот врв на СДСМ, кои иминативе месеци беа откриени и осудени за нелегална трговија со наркотици.

„Таргет на потпретседателот на СДС се сите професионалци кои учествуваа во акциите за докажување на криминалот на неговиот пријател и соработник Захир Бекири-Чауш, но и сите оние кои работеа на прибирање докази за санкционирање на изборната корупција на СДС почнувајќи од сомнителните исплати во Општина Струмица, па се до поткупите на гласачи со дрва во Куманово“, истакна Павлоски.

Оцени дека активностите за коишто зборуваше претходно претставува „класичен контраудар на мафијата“врз полицијата и одмазда за сите реализирани акции.

„Главен инспиратор и реализатор на оваа одмазда на мафијата е потпретседателот на СДС Оливер Спасовски. Тоа што СДС го прави во моментов е брутална партизација на полицијата. Надвор од сите законски норми, надвор од сите реформи се реализира партиска чистка и поставување на партиски послушници на сите раководни позиции“, рече уште Павлоски.

Прецизираше дека Спасовски и неговите партиски соработници секојдневно се јавувале и повикувале вработени во МВР кои низ долгите години во службата постепено ја граделе кариерата и стигнале до одредена позиција, за да им нудат одредени пониски позиции, на коишто би биле распоредени по сопствено барање.

„Доколку не се прифат понудата на СДСМ од типот ‘земи или остави’, во спротивно, следат закани дека ќе бидат деградирани и дека ќе бидат девалвирани и дека нема да може ниту судот да им помогне“, предупреди Павлоски.

Тој го обвини како „автор на ваквиот хаос“ во МВР министерто Спасовски кој резултира со драстично намалување на активностите на самото Министерството за внатрешни работи.

„Тоа што го прави Оливер Спасовски е целосно незаконски и е спротивно на Колективниот договор и Законот за внатрешни работи. Формирањето на партиската полиција е целосно неприфатливо и ќе ја наруши безбедноста во државата. Министерството за внатрешни работи мора да одговори колку решенија се поделени изминатиов период и кои се причините за смени?“, запраша Павлоски.

Ги повика сите професионалци во полицијата да не подлегнуваат на политичките притисоци од страна на Спасовски и правдата да ја бараат пред повисоките органи. Исто така, Павлоски ги повикува и претставниците на меѓународната заедница кои го следат работењето на полицијата, навреме да реагираат и да не дозволат ситуацијата да излезе вон контрола.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.