Павлоски: СДСМ ја препушта безбедноста на граѓаните во раце на неспособни кадри кои го штитат криминалот на луѓето блиски до врвот

Дрога во Македонија нема. Нема ни грам хероин, ни грам кокаин, ни грам марихуана. Сообраќајни несреќи не се случуваат и нема жртви, бидејќи полицијата совесно и ажурно води грижа за безбедноста на патиштата. Кражби нема, а нема ниту физичко насилство. Православни гробишта не се вандализираат и сквернават. Вака изгледа светот на Оливер Спасовски и Зоран Заев. Вака изгледа Македонија само за нив, бидејќи граѓаните ја гледаат реалноста, истакна Сашо Павлоски од ВМРО-ДПМНЕ.

„МВР под водство на СДС и неспособниот Оливер Спасовски нема фатено ни грам дрога. Не затоа што ја нема, туку затоа што СДС е во коалиција со криминалот. Приоритет за СДС и Оливер Спасовски е да се пресметаат со сите полициски службеници кои професионално водеа истраги за наркодилерите кои одработуваа за Заев на минатите избори. За неполни 3 месеци од доаѓањето на власт, СДС направи тотален хаос и партизација во министерството за внатрешни работи. За неполни три месеци Оливер Спасовски подели 500 решенија, унапредувајќи партиски послушници по 4-5 скалила, што е спротивно на системот на кариера и Законот за внатрешни работи. Ваквиот начин на однесување и дејствување на СДС и Оливер Спасовски, не и е непознат на јавноста и на граѓаните. Сведоци сме дека и во минатото кога СДС беше на власт наместо структурни реформи во полицијата и унапредување на ефикасноста на министерството, наместо откривање и неутрализирање на криминални групи, се случуваше токму спротивното“, рече Павлоски.

Додаде дека владејачката пртија ја препушта безбедноста на граѓаните во раце на неспособни и непрофесионални кадри, кои имаат за цел да го штитат криминалот на луѓето блиски до врвот.

„Под закана се принудуваат професионалци да си потпишуваат барања за прераспоредување, а на нивно место се поставуваат началници со педагошки факултет или друго несоодветно образование, без никаков конкурс или без познавање на областа во организационата единица што треба да ја раководат. Ваквото незаконско однесување ќе се нотира и санкционира. Отежителна околност ќе биде доколку партиските послушници кои биле незаконски унапредени на своите претпоставени им се оддолжуваат со незаконско и криминално работење“, рече.
„ВМРО-ДПМНЕ потсетува дека во Република Македонија никој нема право да се става над постоечките закони, многу бргу ќе дојде времето кога секој што работел надвор од законските прописи ќе биде санкциониран. Многу бргу ќе дојде времето кога ќе се воспостави владеење на правото и ќе се врати вербата во киднапираните институции од страна на СДС и ќе се возобнови правната држава. ВМРО-ДПМНЕ ја повикува и меѓународната заедница да го нотира и да реагира на ваквиот груб акт на партизација на МВР од страна на Оливер Спасовски и СДС. Партизацијата на МВР е недозволива и надвор од сите меѓународни норми во демократските држави“, заклучи Павлоски.