Павлоски: Со поткупи и заплашувања СЈО одработува за СДСМ

Специјалното јавно обвинителство (СЈО) за да одработи во полза на власта се обидуваше со пари да купи и обезбеди лажни изјави во поткрепа на монтираните случаи, а онаму каде што не поминуваше поткупот, СЈО се служеше со закани и заплашувања врз лица за да признаат или потврдат нешто што не се случило, рече во саботата од пред СЈО Сашо Павлоски од ВМРО-ДПМНЕ.
Првата обвинителка во Специјалното јавно обвинителство (СЈО),Катица Јанева и нејзините соработници може да се чуствуваат моќни и недопирливи мислејќи дека премиерот Зоран Заев вечно ќе владее но реалноста не е таква, зашто СДСМ ќе ја загуби власта и ќе се врати правната држава, а секој ќе сноси одговорност за незаконското работење, порача Павлоски.

Го повтори уште еднаш партискиот став дека СЈО делува како продолжена рака на СДСМ која води политичка хајка против ВМРО-ДПМНЕ.

„Настапувањето на СЈО исклучиво е политички и во координација со СДС. Главна цел на СЈО е да конструира и монтира случаи единствено против ВМРО-ДПМНЕ со што ќе му помогне на СДС да ја дефокусира јавноста од нивните политики во кои Заев се пазари со највисоките државни и национални интереси“, рече Павлоски.

Според него тоа се покажува и од тоа што СЈО, како што оцени Павлоски, истражуваат и обвинуваат за непостоечки случаи „измислени и нарачани од Зоран Заев“.

„Таргетот на СЈО е само една политичка партија, таргетот се стотина луѓе од ВМРО-ДПМНЕ. Гревот на ВМРО-ДПМНЕ не е криминал, туку затоа што остана со народот, единствен бедем за одбрана на државата“, оцени Павлоски.

Истакна дека СЈО не смее да се става над законот и притоа рече дека согласно член 22 од Законот за јавно обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите, овој орган не смее да води истражни постапки по истекот на 18-те месеци од денот на преземањето на предметите и материјалите во негова надлежност.

„Секој нов прогон и тормозење кој СЈО ќе го врши ќе биде противзаконски и ќе биде основ за одговорност. Сите нелегално прислушувани материјали веднаши без исклучок во законска процедура да ги уништи и за уништувањето на материјалите да состави записник. Неуништувањето и нивното чување, поседувањето и користењето преставува груба и сериозна злоупотреба на службената должност и е казниво согласно закон“, заклучи Павлоски.