Павлов стана стипендист од светска категорија на АМС

Директорот на Агенцијата за млади и спорт, Марјан Спасески ја прими македонската карате репрезентативци која настапи на Европското првенство во Тампере, Финска, натпреварување од кое се враќа со освоен златен медал. Емил Павлов е нов европски првак во категоријата до 60 кг.

“Карате спортот дефинитивно е меѓу најуспешните спортови во земјава, а за тоа доказ е и најновиот успех на Емил Павлов, кој стана нов шампион на Европа, освојувајќи го златниот медал на Европското првенство во Тампере и тоа во категоријата до 60 килограми. Со овој огромен успех, македонското карате ја испиша својата најсветла страница во историјата на европските шампионати. Република Македонија може да се гордее со новото златно момче на каратето и го донесе првото злато на нашата држава од Европските првенства во машка конкуиренција за сениори”, изјави Спасески и порача дека Агенцијата за млади и спорт и понатаму финансиски и логистички ќе го поддржува карате спортот во државата.

За историскиот успех Павлов ќе биде награден со стипендија од светска категорија во времетраење од четири години, каде секој месец ќе добива стипендија во вредност од две просечни плати. По завршувањето на спортската кариера, согласно Уредбата за определување на условите и начинот на доделување на националното спортско признание за врвно спортско остварување и висината на паричниот надоместок, Емил со овој успех ќе се стекне со спортска пензија, која ќе ја добива до крајот на животот.

За големиот успех говореше и освојувачот на златниот медал.
“Патот до златниот медал беше многу тежок. Морав да победам на пет борби за да стигнам до врвот. Најтешко ми беше во третата борба кога против натпреварувачот од Франција победив со судиско прогласување и тоа беше клучно за подоцна да го освојам првото место. Во полуфиналето победив убедливо, а за финалето многу ми помогнаа советите од искусниот репрезентативец Берат Јакуп”изјави Павлов.