Македонија

Пазарната инспекција ќе го „чешла“ работењето на агенцијата Јупитер

Пазарната инспекција ќе го „чешла“ работењето на агенцијата Јупитер

Министерството за економија изразува жалење за состојбата во која се најдоа туристите од Република Македонија, кои по повод првомајските празници претстојуваа во Истанбул, Република Турција, во организација на туристичката агенција Јупитер со седиште во Скопје.

Од Министерството, преку соопштение упатено до јавноста, информираат дека уште во утринските часови екипа од Државниот пазарен инспекторат е испратена да изврши контрола на просториите на агенцијата во Скопје и да  ја констатира фактичката состојба, но истата била затворена.

Оттаму велат дека на самиот влез на Агенцијата била поставена е информација дека агенцијата нема да работи до среда и дека сите граѓани кои патувале на нивна организација во Истанбул ќе бидат обесштетени.

„Министерството за економија информира дека по контролата која ќе се превземе од страна на ДПИ, и по анализата на целокупната документација, Министерството за економија, врз основа на извештаите од Државниот пазарен инспекторат и согласно Законот за туристичка дејност, доколку се потврдат неправилности во нејзиното работење, Министерството за економија ќе започне постапка за одземање на лиценцата за работа на оваа туристичка агенција, согласно членот 30-а од Законот за туристичка дејност. Министерството за економија ги информира оштетените граѓани, дека истите ќе добијат обесштетување од страна на туристичката агенција, а во случај оваа законска обрврска на Агенцијата да не биде остварена, Министерството за економија ќе покрене соодветна кривична пријава против горенаведениот субјект“, се вели во соопштението.