Пчелите можат да сметаат и да препознаваат лица

Пчелите можат да сметаат и да препознаваат лица

Пчелите се способни за апстрактно размислување, умеат да сметаат и да препознаваат лица, е заклучок од истражувањето кое го спроведе францускиот научник Орор Аваргес Вебер од Универзитетот за науки во Тулуз.

Иако мозокот не им е поголем од глава на шпенагла, пчелите имаат одличен вид и исклучително памтење – наведе младата научничка која за својот труд за овие инсекти доби награда L’Oreal-Unesko за жените во науката, која годишно ја добиваат пет најуспешни научници во светот. Таа успеа да докаже дека пчелите не се раководат исклучиво според инстинктот. Тестовите, спроведени во природа, покажале дека пчелите го прилагодуваат своето однесување во зависност од околината и претходните искуства.

До сега се сметало дека способноста за поврзување на разни елементи е својствена само на луѓето и на некои мајмуни.

– Често се мисли дека само големите мајмуни поседуваат интелигенција, но тоа не е точно – вели Аваргес Вебер.

Француската научничка сега ќе се обиде да сфати како пчелите успеваат да извршат комплексни работи со само милион неврони, за споредба луѓето имаат 100 милијарди неврони.

Таа има намера и понатаму да истражува во неколку насоки, во обид да открие дали мозокот на пчелите има поефикасен метод за третирање на информациите од човечкиот мозок и дали е можно еден ист неврон да се користи за вршење на различни функции.

Истражувањето на Аваргес Вебер за конгнитивното функционирање на пчелите може да помогне и во подобро разбирање на работата на човечкиот мозок, како и да влијае на развојот на вештачката интелигенција.

Иако нејзината работа, реализирана во рамки на докторска теза, директно не се однесува на заштита на овој вид кој се повеќе е загрозен, Аваргес Вебер се надева дека таа ќе го сврти вниманието на јавноста на потребата да се заштитат пчелите и поради тоа што се работи за интелигентни инсекти.

Токсичните молекули на пестицидите не ги убиваат пчелите директно, но негативно влијаат на нивниот нервен систем – објасни Вебер.

– Нивното памтење слабее, тие се губат во просторот и престануваат да разликуваат мириси – предупреди таа.

Првите студии за пчелите се објавени на почетокот на 20 век. Австрискиот етолог и Нобеловец Карл фон Фриш прв го открил јазикот на пчелите: за да ги донесат до извор на храна и останатите единки, пчелите почнуваат да изведуваат суптилен танц. Фон Фишер, исто така докажал дека пчелите можат да разликуваат бои.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.