Квалитетната пченица ќе се откупува за 11 денари по килограм

Согласно заклучоците од последниот состанок на членките на Групацијата на мелничко-пекарската индустрија при Стопанската комора на Македонија и производителите на лебно жито, договорени во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, цената на пченицата која се презентира од страна на Министерството од 11 денари по килограм се однесува исклучиво за пченица која ги исполнува сите параметри пропишани со Правилникот за квалитет на пченица со цел производство на брашно за исхрана.

Цената од 11 денари значи – 10 денари по килограм откупена пченица без ДДВ и транспорт.

Секоја друга пченица, која ќе биде понудена за продажба, а нема да исполни макар и еден параметар согласно Правилникот, ќе се откупува по 8, односно по 9 денари за килограм (без ДДВ и транспорт).

Пченицата за која мелничарите ќе плаќаат 10 денари по килограм (без ДДВ и транспорт, а Министерството ја претставува како 11 денари откупна цена) мора да ги исполнува следните стандарди:

 

– хектолитар                              над 76;

– влага                                        максимум     12%;

– примеси                                   максимум    2%;

– енергија                                   минимум     60 цм2;

– број на паѓања по Хагберг     минимум 250;

– односен број                           од 1,4 до 2,4;

– протеини                                 минимум 12;

– влажен глутен                        минимум 24;

– седиментација                       минимум 30;

– степен на отпуштање            максимум 100;

– растегливост                          минимум 130.

 

Мелничарите воедно истакнуваат дека не се во состојба да исплаќаат повеќе од 9 денари по килограм за неквалитетна пченица која не ги запазува параметрите согласно Правилникот, наспроти увозот на евтино брашно од соседството со цена од 14 денари по килограм, со кое практично се уништува еден сектор во македонскиот агрокомплекс.