Педагошко образование ќе има само на државните универзитети

Построги критериуми за запишување на студенти, стимулирање со воведување на стипендии, доедукација на наставниците, унифицирани студиски програми се само дел од реформите на Педагошките факултети, кои ги предлага Министерството за образование. Денеска министерот за образование Абдулаќим Адеми имаше средба со деканите на Педагошките факултети на кои беа разгледувани предлог-проектите за реформи со цел подобрување на образовниот систем, подобар наставен кадар, подобрување на улогата на наставникот и неговиот углед во општеството. Како новина која се предвидува во иднина е Педагошки факултет да има само во рамките на Државните универзитети.

„Воведување на построги критериуми за упис на Педагошките факултети со цел селектирање на најдобрите студенти во оваа област на Педагошките факултети преку полагање на приемен испит ќе може да се запише студент кој има просечен успех од четири во средното образовние. Проектот предвидува стимулирање на студентите за упис на Педагошки факултет преку воведување на стипендии за најдобрите студенти, но и преку континуирано зголемување на платите за наставниците,“ изјави министерот за образование Абдулаќим Адеми.

Дел од реформите кои се предвидуваат се однесуваат и на наставниците кои веќе работат или завршиле факултет.

„Следен сегмент на кој се обраќа внимание е воведување на можноста за доедукација на дипломираните наставници преку воведување на стипендии за студирање на Универзитети во време траење од една година со можност за право на мирување на работниот однос и со обврска да остане на работа следните пет години. Проектот исто така предвидува целосна нова унифицирана студиска програма која ќе мора да ја применуваат сите Педагошки факултети во состав на Државните универзитети. И да истакнам дека Педагошките факултети ќе постојат само на државните универзитети,“ додаде Адеми.

Се планира и воведување на Академија на наставници чија што цел е дополнително подобрување на квалитетот на наставниот кадар преку специјално дефинирани предавања и студиска програма.

Според деканот на Педагошки факултет, Скопје Владо Тимовски и за овие 20 години постоење на факултетот се правеле промени на студиските и предметните програми, но се согласи дека се потребни посуштински реформи.

„Свесни сме сите за фактот што оној што ќе се запише и ќе заврши Педагошки факултет треба да биде учител и овие реформски зафати одат кон тоа овие институции со помош на засегнатите страни да создаваат вистински професионалци,“ изјави деканот Тимовски.

Наставната програма ќе биде изготвена од Министерството, Бирото за развој, деканите и професорите, а јавна дебата за сите предложени промени ќе има од сите засегнати страни. Предложените реформи треба да се имплементираат следната година.

 

 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.