Педесет години од првото пресадување на срце

Пред педесет години Јужна Африка го вчудовиди светот кога хирургот од Кејп Таун, Кристјан Бернар, на маж на умирање успешно му пресади срце на млада девојка.

Приказната за првото пресадување на човечко срце во историјата започнала со налет на автомобил врз 25-годишната банкарска службеничка Денис Дарвал додека преминувала фреквентна улица во Кејп Таун. Денис била отфрлена во воздух и удрила со глава во шофершајбната на паркирано возило. Набрзо станало јасно дека настапила мозочна смрт. Но нејзиното срце сѐ уште чукало.

Кусо пред тоа на 3-гдишниот Луис Вашкански му било кажано дека му останале уште неколку седмици живот поради тешката болест на срцето. Без двоумење го прифатил, за тоа време предлогот кој одвај можел да се замисли, на докторот Бернар за трансплантација на срцето. Во тоа време успешно се пресадувале бубрези и црниот дроб, но да се пресади срцето, самата срж на животот, дотогаш никој не се осмелувал. Таткото на настраданата Денис Дарвал набрзо ја дал својата согласност.

 

Човекот со златни раце

Операцијата започнала во раните утрински часови на 3-ти декември 1967 година. Срцето на Денис Дарвал е извадено и ставено во специјален разладен раствор за трансфер во салата за операција во којашто дваесетина лекари, медицински сестри и техничари се собрале околу докторот Луис. Напнатоста можела „да се сече со нож“. Сите во мртва тишина ги протегнувале вратовите за да видат подобро што работи Бернар.

„Кога беше направена последната анастомоза (поврзување на структурите), настапи моментот на вистината. Анестезиологот пулсот го одбројуваше на глас: 50, 70, 75 и половина час подоцна – 100. Настапи општо одушевување. Ненадејно професорот Бернар ги извади ракавиците и побара шолја чај“, се присетува за AFP, еден од учесниците на операцијата, тогаш млад стажант.

Вашкански првпат прозборел 33 часа по операцијата и рекол дека се чувствува добро. „Ви дадов ново срце“, му рекол Бернар.

Во меѓувреме веста се проширила низ светот. Новинските агенции со телекси испраќале вести. „Трансплантација на срце, прва во светот, успешно денеска е изведена во болницвата ‘Грооте Шуур’ во Кејп Таун“.

Тоа претставувале целосно изненадување за научната заедница, бидејќи сите очекувале дека првата трансплантација на срце, кога и да се случи, ќе биде изведена во САД. Со широка насмевка, добар изглед и златни раце, 45-годишниот јужноафрикански хирург Бернар, стана медиумска ѕвезда.

„Во саботата бев малку познат хирург во Јужна Африка. Во понеделникот бев светски лидер“, изјави во интервју по повод 30-годишнината од својот потфат.

 

Мажот со срце на девојка

Мнозинството било одушевено, но имало и такви кои му испраќале заканувачки писма, нарекувајќи го месар и стрвинар, вели медицинската сестра Ден Фридман, денес во доцните седумдесетти години, која била дел од тимот што ја извел операцијата. Другите, пак, го прашувале како си дозволиле да игра Господ, бидејќи во тоа време срцето не се сметало само за орган и се поставувале многу етички прашања, појаснува Фридман.

Бидејќи во тој период во Јужна Африка владеел апартхејдот, потфатот имал и политичка димензија. Трансплантацијата, имено, можела да биде извршена и неколку седмици порано, но Бернар инсистирал на тоа донаторот да биде белец.

„Не сакавме да нѐ обвинуваат дека на црнците им ги вадиме срцата за да ги ставаме во белците“, појаснува Фридман.

Четири дена по операцијата Луси Вашкански го даде првото интервју од болничката постела. Микрофонот бил стерилизиран, а новинарот стоел на вратата од болничката соба за да не го зарази пациентот. Во медиумите го нарекле „мажот со срце на девојка“.

Почина 18 дена подоцна, но не од срцето. Кобно било воспалението на белите дробови со кој ослабениот имуно систем не можел да се справи.

Денес трансплантациите на срцето, иако и натаму се операции со висок ризик, повеќе ги нема на насловните страници. Во светот годишно се пресадуваат 3.500 срца. Околу 88 отсто од пациентите ја преживуваат првата година по операцијата, 75 отсто преживуваат пет години, а 56 отсто десет години.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.