Педесет и седум семејства од Куманово побарале помош во кол центарот

Педесет и седум семејства од населбата Тоде Мендол, каде се водеа вооружени дејствија побарале помош во кол центарот во општина Куманово, пишува порталот Куманово њуз.

– Во училиштата нема сместени луѓе. Имаше три семејства во основното училиште „Христијан Карпош“, но сега се вратени дома – велат од кол центарот.

Од Црвен Крст Куманово објаснуваат дека уште денеска ќе биде доставена хуманитарна помош до граѓаните.

– Како што се договоривме на состанок на кризен штаб, уште денеска ќе почнеме со носење на помош. Ќе доставуваме храна и средства за хигиена. Педесетина имаат барања за храна, а помош ќе има и за оние чии домови се разрушени, кажа Иле Митковски, секретар на Црвен Крст Куманово.

Во вооружените дејствија кои се случија викендов при разбивање на терористичка група, оштетни се голем број куќи во населбата Тоде Мендол.