Спорт

Пехар за најдобриот македонски автомобилист

Пехар за најдобриот македонски автомобилист

Македонскиот автомобилист Игор Стефановски-Иџе синоќа во Тулвиц, Австрија, доби пехар за европски шампион на ридски патеки во категоријата 1. Наградите за најуспешните на ридско-брзинските натпревари на европско тло кои се во организација на Светската автомобилистичка асоцијација – ФИА беа доделени на гала-свеченост.

Стефановски триумфално го заврши својот пат до најголемиот успех во кариерата и во македонскиот автоспорт воопшто, победувајќи на 8 од 12-те трки од шампионатот.

– Пресреќен сум и презадоволен од целиот престој и манифестацијата во Австрија. Од пречекот до самиот настан не третираа како вистински ѕвезди. Врвот беше кога ми го доделија трофејот и во тој момент ја пуштија македонската химна, а зад бината се вееше големо македонско знаме. Потоа, во неформалниот дел од вечерта, сите присутни ми честитаа, од претставниците на ФИА, моите конкуренти од патеката како и организаторите на сите трки од европскиот шампионат истакнувајќи дека од сите нив имам специјална покана за учество за идната сезона и дека ќе им биде посебна чест ако и догодина учествувам во ова натпреварување, изјави Стефановски-Иџе.

На сите плакати, официјални програми, банери и флаери за манифестацијата главна беше сликата од возилото на Стефановски, а и официјалните возила кои ги превезуваа гостите од хотелот до салата за прогласување беа брендирани со сликите од неговото возило и од болидот на Симоне Фаџиоли како шампион во категорија 2