среда, 30 ноември 2016  |  Вести денес: 54

Пехчевска Поп-Илиева: Со порационално планирање до поголем комфор и подобар квалитет на здравствените услуги

mirjana-pop-ilieva

Последни вести

Во интервју за Курир, организацискиот директор на Универзитетската клиника за инфективни болести и фебрилни состојби Мирјана Пехчевска Поп-Илиева говори за моментални чекори кои се спроведуваат во Клиника со цел пружање подобра здравствена услуга на пациентите, набавка на нова опрема и воведување на нови методи. Организацискиот директор на Инфективна открива и кои се идните чекори кои ќе бидат преземени.

К: Кога ќе се каже Инфективна клиника најчесто се мисли на заразни болести, кажете ни што се опфаќа работата на ЈЗУ Универзитетска клиника за инфективни болести?

-Универзитетската клиника за инфективни болести и фебрилни состојби има основна дејност која е дефинирана согласно Законот за здравствена заштита. Клиниката пружа услуги на терциерно ниво на здравствена заштита од областа на инфекции на централен нервен систем, цревни инфекции, респираторни инфекции, вирусни хепатити, се лекуваат пациенти заразени со ХИВ (СИДА) и ретки тропски болести,  а многу активно работи и Центарот за интензивна нега во кој се хоспитализираат најтешко болните од споменатите патологии.

К: Вие сте организациски директор на Клиниката. Може ни да ни објасните што значи тоа, што е различно од порано?

-Како граѓани или пациенти секогаш кога ќе помислиме на Клиника мислиме на здравствените аспекти, лекување на пациентите и секако тоа е најважно. Токму затоа, само со правилна организација на работата директно ќе се придонесе за реализирање на здравствени услуги на највиско ниво и воспоставување на добар здравствен систем и од аспект на тоа како ќе бидат лекувани пациентите, но и од аспект на финансиите и трошоците на установата, ефективноста и ангажираноста на вработените, менаџирање на процесите и планирање и мерење на постигнатите резултати.

Со функцијата организациски директор се воспостави целосен и поефикасен менаџмент на Клиниката, со други зборови организацискиот директор се грижи за сите организациски потреби на Клиниката во поширока смисла на зборот.

mirjana pop ilieva1

К: Именувани сте за директор пред околу 6 месеци, но веќе имате некои постигнати резултати за кои може да разговарате?

-За мене Клиниката за Инфективни болести и фебрилни состојби претставува организација која треба да се менаџира на начин според кој на пациентот му се посветува најголем фокус и внимание, со цел да добие најквалитетна здравствена услуга. Со тоа што одговорноста во овој случај е огромна, имајќи предвид дека во прашање е лекување и спасување на човечки животи. Се работи за голема клиника, со над 150 вработени, па комплексноста на задачата која ја започнав е поврзана со менаџирање на човековите ресурси и воспоставување на повисоки стандарди на работа.  Изминатиот период посветено работевме на целосно имплементирање на хоспиталната култура во практиката, и тоа од аспект на подобрување на комуникацијата со пациентите, соодветна идентификација на вработените, носење на соодветна униформа, уредување на шалтерите и чекалните и итн.

Вработените постојано се упатуваат на стручно доусовршување и едукација, посебно заради спецификата на патологијата со која се занимава оваа Клиника. Станува збор за дејност за која е потребно постојано усовршување со цел правилно дијагностицирање на заболувањата. Токму поради тоа најголемите инвестиции на нашата Клиника  од аспект на медицинска опрема се во Одделот за лабораториско- етилошка дијагностика. Правилно и прецизно дијагностицирање директно влијае на поефикасно лекување на пациентите, а дополнително притоа се намалуваат трошоците и се скратува времето за лекување.

Од аспект на економското работење, добра вест е што ги намаливме трошоците за цели 52 проценти, без ништо да одземеме од пациентите, туку напротив, да им овозможиме поголем комфор и подобар квалитет на здравствените услуги. Со правилно планирање може многу да се смени.

Имајќи ја предвид ургентноста на некои од болестите кои ги третираме, спроведовме соодветни организациски активности и во моментов во системот МојТермин има можност за закажување преглед и во истиот ден кога се креира упатот, за разлика од претходно кога за слободен термин се чекаше подолго.

Инаку, задоволството на пациентите е еден од врвните приоритети на Клиниката. Редовно спроведуваме анкети меѓу пациентите, од кои може да се забележи високото ниво на задоволство на пациентите со над 70 проценти, особено во делот на стручноста на кадарот со кој располага клиниката.

Ако направиме еден осврт на она што е досега направено, може да констатираме дека реализиравме многубројни активности, но во перидот што следи ни претстојат уште многу предизвици со кои сме подготвени да се соочиме.

К: Што е со опремата, има ли и таму некои подобрувања?

-Во однос на опремата на клиниката, паралелно ги анализираме потребите за набавка на нова опрема и правиме соодветен план за обновување на опремата која е застарена. За  2016 година предвидуваме набавка на нова опрема со цел да се воведат  планираните нови методи на лекување за оваа година. Еден од приоритетите е повторно активирање на кабинетот за ендоскопија, кој периодов не работи поради дефект на колоноскопот, па токму затоа веќе е во тек процедурата за набавка на нов колоноскоп, со што ќе овозможиме континуирано дијагностицирање на нарушувањата во гастроинтестиналниот тракт со ендоскопска метода.

mirjana pop ilieva2

К: Ги спомнавте новите методи, а секако инфективните болести секогаш бараат нови начини на третирање, кои би ги издвоиле како значајни? 

-Би ги издвоила методите кои придонесуваат за минимизирање на ризиците и подобрување на конечниот исход, а кои се и во склад со барањата и праксата од европските земји, како на пример: методата за квантификација на вирусно оптеретување, молекуларно дијагностички методи за етиолошка дијагностика  на инфективни болести со користење на најсовремена мулитиплекс синдромска дијагноза и методата за определување гени на резистенција за имунокомпримирани пациенти болни од ХИВ (СИДА). Можеби апстрактни за обичниот човек, но многу важни во третирање на болестите.

К: Што очекувате во иднина, какви предизвици ви претстојат и кои се вашите следни чекори?

-Во мојата визија Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби треба да биде референтен и регонален лидер за пружање на медицинска услуга на највисоко ниво на здравствена заштита од оваа област. Ние се залагаме да бидеме клиничка установа која ќе ја развива и  унапредува научно-истражувачката дејност, ќе пружа услуги на највисоко ниво на сигурност и квалитет, и установа во која соодветно ќе се вреднува трудот, знаењето и вештинте на сите вработени. Искуството ме научи дека без високо поставени стандарди и цели не може да се постигне квалитетен исчекор и тешко се постигнува значителен напредок. При реализација на овие цели особено ме охрабрува стручноста, знаењето и вештините на персоналот на  Клиниката, како и долгогодишната традиција на функционирање на оваа Клиника.

Потребата од стандардизирање на услугите и нивно подигнување на повисоко ниво со процесот на акредитација на Клиниката е еден од главните предизвици кои треба да се финализираат во наредниот период. Во таа насока, веќе е започнат процесот на акредитација на Молекуларниот дел од лабораторија кој очекуваме да заврши во текот на 2016 година.

Најчитани вести