Пелегрини не се откажува од услугите на Стеван Јоветиќ

Менаџерот на најбогатиот клуб во англиската Премиер лига, Манчестер Сити, Мануел Пелегрини, откри дека и понатаму смета на услугите на црногорскиот интернационалец, Стеван Јоветиќ иако малдиот играч за врска одигра само неколку минути во есенскиот дел од сезоната и веќе е дефиниран како најлоша аквизиција во историјата на Сити и во таа на англиската Премиер лига.

“Дојде во Англија со желба да биде дел од англиската Премиер лига. Знаеме колку беше ценет во Италија, каков му беше статусот додека го носеше дресот на Фиорентина. Јас и понатаму сум убеден дека Стеван ќе биде многу важен фудбалер за Манчестер Сити. Мислам дека ќе има далеку поголема минутажа во следните три месеци и мислам дека ќе ги исполни нашите очекувања. Тешко дека некој може да биде среќен со толку скромна минутажа, со толку чести повреди. Кога ќе биде подготвен за игра, Стеван ќе покаже и докаже зошто е ангажиран од Манчестер Сити”, изјави искусниот чилеански стручњак.