Пелегрини три години на клупата на Вест Хем

Англискиот фудбалски прволигаш Вест Хем Јунајтед во вторникот објави дека за нов менаџер го именувал 64-годишниот Мануел Пелегрини со кого потпишале договор на три години.

„Беше важно на клупата доведеме некој кој има искуство во водењето на екипата во Премиер лигата. Мануел со себе носи репутација на тренер кој негува напаѓачки фудбал и веруваме дека со своето присуство ќе привлече млади талентирани играчи во нашиот клуб“, објави копретседателот на Вест Хем, Дејвид Саливен.

Пелегрини во Англија го водеше Манчестер Сити во периодот од 2013 до 2016 година, со којшто во првата сезона ја освои титулата, а покрај тоа на „Итихед“ донесе уше два Лига купа, во 2014 и во 2016 година.

По Сити, Чилеанецот две години мина на клупата на кинескиот Хебеј Фортине.

Покрај искуството во англиската лига, Пелегрини во Европа работеше и во Шпанија каде што ги водеше Вилјареал, Реал Мадрид и Малага, а претходно беше тренер и во аргентинскиот великан Ривер Плата.

Пелегрини на тренерската клупа на „чеканите“ го наследува Дејвид Мојс, кој го водеше Вест Хем седум месеци. Пред него, на почетокот од сезонава клубот го водеше поранешниот хрватски селектор Славен Билиќ.