Пендаровски: На референдумот ќе гласаме да ја утврдиме македонската државност

На 30-ти септември ќе гласаме за навек да ја утврдиме македонската државност во целиот свет, рече националниот координатор за членство на Македонија во НАТО, Стево Пендаровски во неделата вечерта на  јавната трибина во Битола.

Според претставникот на владејачката  СДСМ, ваква шанса оваа генерација нема да има повторно и затоа не смееме да дозволиме да бидеме изолирана мала енклава на Балканскиот полустров кој сеуште е турбулентен.

„Нашето асоцирање во ЕУ и НАТО е единствен крупен стратешки проект за кој во Македонија, во мнозинство се согласни сите етнички заедници, и затоа во овој момент има поддршка од 31 политичка партија и дури 102 невладини организации. На ова прашање треба сите да бидеме на иста страна и на 30 септрмври да гласаме ЗА европска Македонија“, рече меѓудругото Пендаровски пред битолчани.

На вечерашната трибина се обрати и градоначалникот на Битола Наташа Петровска која нагласи дека брзиот влез во ЕУ и НАТО ќе го спречи иселувањето на младите и ќе донесе свеж капитал и инвестиции во градот.

„Подобра перспектива на овој македонски простор можеме да направиме ако обезбедиме безбедност на капиталот и да овозможиме доаѓање на свеж капитал во нашиот град. Тоа е можно со членството во ЕУ и НАТО, а тоа, пак, е директно поврзано со нашата економија и нашиот економски развој. Битола како поднебје има свои природни вредности и е интересен град за цел свет, а со брз влез во ЕУ тогаш лесен ќе биде одговорот на прашањето каде ќе се пласираат бистричките праски, цапарските компири или младо сирење од Ниже Поле. Пазарот ќе биде отворен, нашиот производ ќе добие повисока цена, ќе има подобра егзистенција и перспектива. Со влезот на Македонија во ЕУ и НАТО, Битола ќе го добие сјајот што го заслужува“, истакна Петровска.