Политика

Пендаровски: Професионалноста критериум за вработување во администрацијата

Пендаровски: Професионалноста критериум за вработување во администрацијата

Стево Пендаровски, носител на кандидатската листа на СДСМ и коалицијата во ИЕ 1 денеска изјави дека државна тајна е колку луѓе реално се алиментирани од државниот буџет, а работат во администрацијата.

Доколку победат на изборите, најави сет мерки со кои, вели, драстично ќе ја подобри состојбата на админстрацијата и ќе овозможи таа навистина да биде сервис на граѓаните, а не, како што рече, партиска испостава на владејачката партија која служи како резервоар за таканаречени сигурни гласачи.

– Прво ние ќе го објавиме регистерот на администрацијата, затоа што тоа не смее да биде тајна, не само поради меѓународната туку поради домашната јавност и луѓето плаќаат за таа администрација. Значи бројката на администрацијата мора да биде јавно позната по министерства, по сектори, по сите нивоа на цела територија на Република Македонија. Во државната администрација нема да се примаат луѓе со партиска книшка. Единствен критериум за вработување во администрацијата ќе биде знаењето, вештините и пред се, професионалноста и компетентноста. Унапредувањето ќе биде според истите критериуми, рече Пендаровски.

Тој посочи дека ниту еден човек што е вработен во администрацијата не треба да стравува за своето работно место по промената на 11 декември, освен оние, вели, а тоа е мал број, кои го имаат прекршено законот.