Пенков: Давајќи го гласот за бројот 13, гласате за луѓе кои чесно и посветено ќе работат во интерес на граѓаните на Неготино

Кандидатот за градоначалник на општина Неготино од ВМРО-ДПМНЕ, Златко Пенков денеска ги повика граѓаните на таа општина в недела масовно да излезат на гласање и во мирна и демократска атмосфера гласот да го дадат за него и за советничката листа под број 13.

„Давајќи го својот глас за мене како кандидат за градоначалник и за советничката листа, вие гласате за луѓе кои чесно, посветено и транспарентно ќе работат во интерес на граѓаните од нашата општина. И секогаш ќе бидат на располагање да одговорат благовремено на вашите барања и потреби. Во недела секој од нас поединечно одлучува за иднината на општина Неготино“, истакна Пенков.

Потенцираше дека гласањето е тајно и на граѓаните им посочи дека зад параванот се сами.

„Никој, ама баш никој нема да знае за кого сте гласале. Токму затоа, ако во предизборниот период сте биле изложени на какви било притисоци, уцени или закани во моментот на гласање заборавате на се, и слободно изразете ја вашата волја за тоа кој кандидат сметате дека е најдобар и во наредните четири години заслужува да ја води општината“, рече Пенков.

Додаде дека гласот даден за бројот 13 ќе значи глас даден за луѓе кои во следните четири години макотрпно ќе работат за подобрување на условите за живеење во таа општина.

Пенков нагласи дека во предизборната програма на ВМРО-ДПМНЕ за општина Неготино предвидени се над 100 проекти кои би се реализирале доколку тој и советничката листа ја добијат довербата од граѓаните.

„Јавно ветувам дека подеднакво ќе се грижиме за проблемите и во градот и во секое населено место при што граѓанинот и неговите потреби и барања секогаш ќе бидат на прво место. Јас, Златко Пенков, ја барам вашата доверба за да бидам градоначалник на општина Неготино за да може за време на мојот мандат, моја канцеларија да биде секој дом, секоја улица, секоја урбана заедница во градот и населените места“, рече Пенков.

Појасни дека тоа би значело постојано присуство на терен, средби со граѓаните, отворање дебата за приоритетите, решевање и донесување заеднички одлуки, нивно спроведување и инвестирање во иднината на општината.

„Искрено и од се’ срце ја очекувам вашата масовна поддршка и се надевам дека по завршувањето на првиот круг со вашата неизмерна поддршка ќе бидам избран за градоначалник на општина Неготино“, нагласи Пенков.