Пенс во Ерусалим рече дека му е чест што е „во главниот град на Израел“

Американскиот потпретседател Мајк Пенс изјави во понеделникот во Ерусалим дека му претставува чест што престојува во „главниот град на Израел“, со што повторно ги разгневи Палестинците кои поради таквата одлука на Вашингтон одбија да се сретнат со него.

Американскиот претседател Доналд Трамп на 6-ти декември го ефектуираше законот со кој Ерусалим се признава како главен град на Државата Израел, и најави дека таму ќе ја пресели амбасадата на САД, што ги разлути Палестинците кои сакаат источниот дел од Светиот град да биде престолнината на нивната идна држава. Указот за спроведување на законот донесен од Конгесот во 1995 година ги разгневи и муслиманските и арапските, но и европските сојузнии на Вашингтон.

Американскиот потпретседател Мајк Пенс во саботата во Египет, и во неделата во Јордан рече дека САД ќе го поддржат решението со две држави, доколку Израелците и Палестинците постигнат таков договор.

На почетокот од неговата средба во понеделникот со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, Пенс рече дека му е чест да биде „во главниот град на Израел, Ерусалим“.

„Ова е првпат да стојам тука каде што двајца челници можат да ги кажат овие три збора: израелска престолнина Ерусалим“, рече Нетанјахи.

Одлуката на Трамп во врска со Ерусалим отвора нови можности за мир меѓу Израелците и Палестинците, рече Пенс.

„Исто така, имам надежи дека сме на почетокот на нова ера во којашто повторно започнуваат преговорите за да се најде мирно решение за судирот во овој регион кој трае со децении“, додае американскиот потпретседател.

Претседателот на Палестинската самоуправа Махмуд Абас, кој пред десетина дена одлуката на Трамп ја оцени како „шлаканица“ замина во посета на странство пред пристигнувањето на Пенс.

Неговиот портпарол изјави дека американското признани на Ерусалим како главен град на Израел и израелската окупација се нелегитими, и ѝ порача на американската администрацја дека не смее да придонесува за ескалација.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.