Пентагон истражува дали помошта за Курдите паднала во рацете на џихадистите

Американскиот Пентагон започна истрага откако се појавија видео снимки на кои се гледа како џихадистите од групата Исламска држава (ИД) прикажуваат дел од помошта што САД од воздух им ја доставија на Курдите кои војуваат за да го одбранат сирискиот град Кобане од нападите на сунитските милитанти, објави МИА.

Претставник на Пентагон изјави дека сѐ уште не може да ја потврди оригиналноста на снимките, но изрази уверување дека најголемиот број од помошта фрлена со падобрани од американската авијација се дојдени во „вистинските раце“.

Авиони „Херкулес“ исфрлија 27 сандаци со лесно оружје, разна муниција, како и со најнеопходна медицинска помош за курдските борци, кои самите војуваат против џихадистите помогнати само од американското Воено воздухопловство, кое повремено ги бомбардира позициите на милитантите од ИД.

Претставник на сириската опозиција, која ја надгледува ситуацијата во земјата и посебно случувањата во и околу Кобане, изјави дека ИД има заробено само еден од фрлените сандаци со помош.

Според Пентагон, курдските сили сега контролираат најголем дел од овој град на сириско-турската граница, но ИД сѐ уште претставува закана.

Џихадистите се обидоа во понеделникот со контраофанзива да повратат дел од позициите што ги имаа, но курдските борци со помош на нападите на американата авијација ги спречија во таквите планови.

Во текот на вчерашните борби биле убиени 30 исламстички милитанти, како и 11 припадници на курдските сили, велат некои информации.

Борбите беа обновени откако Турција прв пат прифати Курди од Ирак преку турската територија да дојдат до Кобане, за да им помогнат на бранителите на градот.

Властите во Анкара се согласија на ова по силниот притисок на меѓународната заедница и неуспехот да се натераат турските сили да им помогнат на сириските Курди во пресметката со ИД. Турција не сака да им помогне на бранителите на Кобане, обвинувајќи ги тамошните Курди дека се сојузници со Курдската работничка партија (ПКК), која дејствува на турска територија и Анкара ја смета за терористичка организација.

Командантите на курдските сили во Кобане не веруваат дека Турција ќе го исполни ветувањето, па затоа тврдат дека не знаат кога и дали воопшто ќе пристигнат курдските борци од Ирак. Турската армија во минатото често ги бомбардираше позициите на Курдите на ирачката територија.