Пентагон: Српските дипломати не се убиени од американски бомби

Пентагон ги отфрла тврдењата дека двајцата киднапирани српски дипломати загинале во воздушните напади на американската авијација во базата на ИД во Либија.

Портпаролот на Пентагон Џев Дејвис рекол дека по анализите на фотографиите на базата на џихадистите и телата на двајцата државјани на Србија утврдено е дека не постојат докази кои укажуваат дека Слаѓана Станковиќ и Јовица Степиќ биле убиени во нападот.

Тој прецизирал дека не постои ништо што укажува дека смртта на двајцата дипломати е резултат на бомбардирањето.

Според неговите зборови, телата сигурно би биле во многу полоша ситуација ако лицата биле убиени во масовните воздушни удари.

  • Тоа не се поклопува со тоа што ние го очекуваме, односно како очекуваме да изгледаат остатоци од човечко тело по удари со таква сила, рекол тој додавајќи дека Пентагон ги анализирал фотографиите на телата, нападот и  причинетата штета.

Службениците во амбасадата на Србија во Либија загинаа во американското бомбардирање на упориштата на ИД во градот Сабрата во Либија. Тие беа киднапирани во ноември лани од колона возила во која бил и српскиот амбасадор Оливер Потежица.