Пензионерите бесплатно ќе се возат со воз од 11 јули

Мерката на Владата за бесплатен превоз на пензионерите во железничкиот сообраќај ќе стартува вториот викенд од месец јули. Пензионерите ќе можат да ја искористат еднаш во текот на месецот, односно секој втор календарски викенд.

„Секој втор календарски викенд пензионерите, лицата постари од 62 односно 64 години ќе имаат бесплатен превоз во железничкиот сообраќај. Оваа мерка е дел од владината програма и ја донесовме на една од првите седници на владата на РМ,“ изјави министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески.

Тој додаде дека пензионерите ќе бидат информирани преку флаери со помош на кои ќе дознаат на кој начин ќе можат да го искористат овој бесплатен превоз

„Секое лице кое има 62 или 64 години во зависност од полот, ќе треба до билетарите да достави лична карта и со прикажувањето на личната карта ќе добие билет кој е бесплатен. Со билетот пензионерите ќе бидат осигурани во патничкиот сообраќај во РМ,“ додаде Јанакиески.

Министерот за труд и социјална политика Диме Спасов истакна дека со оваа мерка за бесплатен железнички сообраќај, се подобруваат условите за живот на постарите лица.Тој најави и други проекти кои се однесуваат на пензионерите во насока на подобрување на нивниот живот.

„Дополнително, во насока на подобрување на животот на пензионерите е и одлуката на ЈСП со Градот Скопје недела да биде бесплатна за возење. Во септември и октомври продолжува проектот за бесплатна бањска-климатска рекреација со која ќе бидат опфатени уште 1050 пензионери кои ќе ја искористат услугата. Во 2015 година ќе стартува и проектот бесплатен туристички викенд за пензионерите,“ изјави Спасов.

Тој најави и зголемување на бројот на приватни старски домови, истакнувајќи ги низата поволности за потенцијалните инвеститори и очекува да се видат ефектите од изградбата на домовите.

Претседателот на Сојузот на задруженијата на пензионери, Драги Аргировски ја истакна одличната соработка и комуникација со Владата и изрази благодарност за овие мерки кои се донесуваат за подобрување на квалитетот на животот на пензионерите.

Со ова очекува, тие почесто да ги посетуваат своите роднини низ државата, а и да дојдат во посета на главниот град.