Македонија

Пензионерите на „стенд – бај“, нова мета младите до 29 години

Пензионерите на „стенд – бај“, нова мета младите до 29 години

По многубројните проекти се чини дека Владата ги стави пензионерите на „стенд – бај“ и се насочи кон реализација на ветените проекти за младите до 29 години, особено ставајќи го во фокус нивното вработување.

Министерството за труд и социјална политика излезе со проектот за самовработување со кредитирање за млади невработени лица до 29 години кои можат да добијат кредит во износ од 7.000 до 23.000 евра, за да отпочнат сопствен бизнис. Кредитобарателот може да земе најмногу седум илјади евра, а секој нововработен по четири илјади евра. Максималниот број на вработени е петмина, со што се достигнува вкупна сума од дваесет и три илјади евра. Кредитот се враќа во период од седум години со каматна стапка од еден отсто. За поголемо вработување на лицата до 29 години придонесува  и проектот кој предвидува ослободување од плаќање социјални придонеси во текот на првата година на работодавците, кои ќе вработат млади кои се на возраст до 29 години, но истите обврзани се најмалку уште 12 месеци да ги задржат вработените.

Откако пензионерите добија „гага“ возење во автобусите на ЈСП, четири дена во текот на неделата, гратис превоз „лапнаа“ и студентите. Тие преку проектот „Слободен четврток“ отсега ќе можат секој четврток бесплатно да патуваат со градските автобуси, да стигнат до врвот на Водно со Жичницата, да патуваат со воз, како и да посетуваат кино или театар во Скопје и во другите градови од земјава.

Воедно учениците и студентите ќе добијат и 50 отсто попуст на билетите за услугите во патниот превоз на „Македонски Железници“, како и бесплатен превоз за време на викендите, односно во петок, сабота и недела.

Огромни средства се вложуваат и во спортот, кој е од исклучително значење за правилен развој кај децата и одржување на здравиот дух кај младите и кој беше приоритет на Владата и во минатата програма. Покрај десетиците мултифункционални спортски сали и оние сали кои ги исполнуваат потребните стандарди за повеќе спортови, продолжува изградбата на нови и реконструкцијата на веќе постоечките спортски сали. Со ова спортот им станува поблизок на децата и младите, кои сега, за разлика од порано „речиси на секој ќош“ имаат нови маалски игралишта каде можат да се рекреираат. Оние млади спортисти, пак, кои оствариле резултати на официјални државни и меѓународни натпревари за возрасни категории до 20 години ќе добијат стипендија која ќе им помогне да инвестираат во својата иднина.

Спектарот на можности за младите се зголемува и со новите крупни странски инвестиции кои отвораат нови работни места ширум земјава. Мал дел од нив се германската „ДрекслМаер“ и туниската „Кофикаб“ во Кавадарци, кои се со капацитет од 4.000 , односно 150 работни места. Потоа „Кромберг и Шуберт“ во битолскиот регион со која се отворија 2.500 работни места, а тука е и турско – кинеската компанија Веибо, која потврди инвестиција во земјава од 400 милиони евра и отворање на нови 5.000 работни места.