Периодично затворање на обиколницата од утре поради снимањето на филмот А фонт

За потребите на снимањето на францускиот филм А фонт од утре ќе биде воведен посебен сообраќаен режим на скопскат обиколница од клучката Хиподром до клучката Сарај.

Новиот сообраќаен режим се воведува согласно Одобрението од Министерството за транспорт и врски, а врз основа на посебно изработен сообраќаен проект и договорот со француската „Шик филмс“ и македонскиот соработник „Мануфактура продукција“.

Според договорот со продуцентите, обиколницата ќе биде затворена за сообраќај секој ден од 7 до 19 часот се до 28 септември, освен викендите  (12 -13, 19-20, 26-27 септември) кога ќе се одвива нормален сообраќај.

После 28 септември, снимањето на филмот се сели на автопатот Неготино-Велес. И овој дел од автопатот ќе биде затворен во период од 21 ден и тоа од 29 септември – 2 октомври, од 5-7 октовмри, од 14-16 окктомври и од 18-23 октомври, исто така во периодот од 7 до 19 часот.

За потребите на филмот А Фонт државата ќе инкасира околу 280.000 евра, односно според договорот француската продукциска куќа ќе издвои 4,8 милиони денари за реконструкција на стариот пат Велес – Градско преку кој ќе биде пренасочен сообраќајот, како и 12,7 милиони денари средства кои Македонија би ги инкасирала од патарините за користење на автопатот и обиколницата доколку би биле отворени.

„За средставта што продукцијата треба да ги исплати за користење на овие делници цената е пресметана врз основа на просекот на бројот на поминати возила на наплатните станици Петровец и Градско споредено со септември и октомври во 2014 година кои продукцијата ќе ги плати во целост. Дополнително е постигнат договор со продукцијата и ’Македонија пат’ за санирање на регионалниот пат Велес – Градско и поставување нова сигнализација за безбедно одвивање на сообраќајот“, рече претходно министерот за транспорт и врски Владо Мисајловски.

 

Филмот што француската „Шик филмс“ го снима е најавен како акциска комедија која ги следи доживувањата на едно француско семејство кое тргнало на летен одмор, но возилото им се расипало на автопат и не може да сопре бидејќи е без кочници. Премиерата на филмот се очекува во јуни следната година.