Перница полна со злато се крие на „Дрисла“

Перница полна со злато, чанта со документи, пари – сите овие работи граѓани по грешка ги фрлиле во ѓубре и потоа оделе да ги бараат или во камионите на „Kомунална хигиена“ или на депонијата „Дрисла“, пренесува „Дневник“.

На никој од нас не му е пријатна миризбата на ѓубрето знаејќи што се’ се крие во него, но кога се во прашање скапоцени предмети или документи што завршиле таму, секој е подготвен да пробуричка за да ги најде.

Портпаролот во јавното претпријатие „Kомунална хигиена“ Ана Марија Бранѓолица вели дека досега повеќе пати се случило вработените да пронајдат пари или скапоцени предмети во сметот. Во неколку случаи сопствениците на фрлените богатства ги алармирале по телефон за направената грешка.

„Така, еден човек ни јави дека 10.000 евра завиткани во нешто не сакајќи биле фрлени во ѓубре. Kамионот кој го собираше сметот во реонот од каде што се јави сопственикот беше проверен. Целиот камион беше испразнет од ѓубрето и парите биле најдени. На гробиштата во Бутел, уште кога наместо евра, беа германските марки, наши вработени кои чистеле таму нашле паричник во кој имало многу пари, неколку илјади марки. Паричникот со парите му беше вратен на сопственикот, а тој симболично ги награди нашите вработени“, раскажува Бранѓолица за „Дневник“.

Таа додава дека вработените пронаоѓаат и вредни предмети и накит фрлени во контејнерите, но поретко. Во такви случаи веднаш се алармира најблиската полициска станица.

„Нашите вработени секојдневно наоѓаат разни предмети, документи, како и лични карти“, потенцира Бранѓолица.

Во депонијата „Дрисла“ за „Дневник“ раскажаа дека досега во неколку случаи граѓани доаѓале да си бараат вредните предмети и златото.

„Пред шест години, кога ѓубрето од Тетово се’ уште доаѓаше во оваа депонија, еден тетовец дојде да си го бара златото што му било наменето за свадба. При чистење на куќата, подготвувајќи се за свадбата, ја фрлиле перницата која била веќе стара, а во која било скриено златото. Била многу голема количина, но човекот не ни кажа точно колкава. Но, за жал, златото не успеа да го најде. Доцна пријавил. Поминале неколку дена откако се сетил да дојде“, вели Сашo Тодоровски, раководител на одделението за депонирање во „Дрисла“.

Тој се сеќава и на случај кога пред пет години човек од Драчево дошол да си ги бара своите 7.000 евра што ги фрлил.

„Тој имаше среќа бидејќи пријави пет-шест часа откако биле фрлени парите. И овие пари биле наменети за свадба. Го најдовме камионот кој го собирал ѓубрето во реонот каде што живеел граѓанинот и нашите вработени знаеја приближно каде камионот го истоварил ѓубрето. Во тој куп беа пронајдени парите, а среќниот сопственик ги почести вработените“, пренесува Тодоровски.

Освен пари и злато, Тодоровски вели дека депонијата се пребарува и за битни документи.

„Еднаш дојдоа од една сметководствена фирма од Скопје, од Центар. Тие дојдоа итајќи по камионот со ѓубре за да си ги најдат документите што ги фрлиле. Тоа не беше мала работа затоа што во камионот имаше 15 тони ѓубре. Им требаа пет часа да го пребараат целиот товар, но на крајот ја најдоа кесата со документите“, вели Тодоровски за весникот.

Од Министерството за внатрешни работи велат дека кај нив многу ретко се пријавуваат пронајдени скапоцени предмети.

„Има повеќе случаи кога се пријавуваат изгубени велосипеди или паричници во кои има документи. Kога станува збор за лични документи за идентификација, тогаш е полесно да се вратат на сопственикот. Доколку станува збор за скапоцен предмет, се евидентира во полициската станица во реонот каде што е пронајден предметот. Ако се јави некое лице што изгубило таков предмет, се врши препознавање и ако се утврди дека предметот е негов, му се враќа“, објасни Лиза Бендевска, портпарол во СВР Скопје.

Збрка и ужас меѓу вработените во депонијата „Дрисла“ предизвикал питон, кој еден ден бил истоварен на депонијата заедно со останатиот смет.

„Тоа се случи пред три години. Прво се создаде паника кај вработените, па потоа увидовме дека змијата е мртва. Не знаеме како змијата се нашла во камионот. Прашувавме дали е од Зоолошката градина“, вели Сашo Тодоровски, раководител на одделението за депонирање во „Дрисла“.

Портпаролот во јавното претпријатие „Kомунална хигиена“ Ана Марија Бранѓолица советува граѓаните да не чекаат доколку сфатат дека фрлиле скапоценост, туку што побрзо да пријават во „Kомунална хигиена“.

„Граѓаните што се сомневаат дека фрлиле предмети, документи, пари или нешто друго, треба да се јават на телефонскиот број 3216-644, кој е на располагање од 7 до 19 часот. Во потесните улички одат помали камиони, од каде што потоа ѓубрето во претоварните станици се префрла во поголеми камиони, кои одат во депонијата „Дрисла“. Поради тоа, ако се јават подоцна, барањето на она што е загубено ќе биде потешко. Kога ѓубрето е во помали количини, тогаш и пронаоѓањето е полесно. Секогаш излегуваме во пресрет“,вели таа.