Перо Антиќ: За два-три дена ќе го дадам конечниот одговор

На Перо Антиќ ќе му бидат потребни дополнителни два-три дена да го даде конечниот одговор околу неговото враќање во кошаркарската репрезентација на Македонија.

Антиќ кој пред две години најави повлекување од репрезентацијата, па не настапи на Европското првенство во Хрватска 2015-та, како ниту во минатогодишните квалификации за Евробскетот годинава, се појави на првата прозивка на селекторот Јорданчо Давидков, одржана доцна попладнево во СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје.

– Моето присуство значи почит за стручниот штаб, играчите и директорот (Тодор Гечевски). Пред неколку години ја најавив „мојата пензија“. Мило ми е што Јоцо Давидков, македонски тренер се врати во репрезентацијата и имам одлична соработка со него и во минатото. Реков ќе размислам, но многу е тешко да бидам во репрезентацијата. Но, сепак ќе размислам за враќањето и за 2-3 дена ќе се знае сигурно, изјави Антиќ.

Антиќ не ја отфрли можноста повторно да го облече црвено-жолтиот дрес, посочувајќи дека е подготвен и логистички да им помогне на играчите, стручниот штаб и Гечевски.

– Пред два дена се вратив во Скопје. Имам семејство со кое сакам да поминам време. Ќе разговарам со мојата фамилија, и со новиот директор па ќе видиме, дополни Антиќ.
Антиќ беше иницијатор за враќањето на Ѓечевски во националниот тим за ЕП 2013 во Словенија, се очекува сега тој да му се реваншира на Гечевски, за доброто на мак-баскетот.