Перо Антиќ има проблеми при тренирањето со заштитна маска

Македонскиот кошаркар Перо Антиќ заработи повреда на еден од тренинзите за време на подготовките за новата сезона и нема да настапи за Атланта на престојните претсезонски дуели со Мајами, Чикаго и Детроит.

Антиќ мораше да оди на операција, а малиот хируршки зафат и повредата не му дозволија да игра на подготвителните натпревари, иако тој почна со тренинзи.

Македонскиот кошаркар тренира самостојно и со заштитна маска. Веднаш по првиот тренинг беше запрашан од тамошните медиуми какво е чувството да се игра со заштитна маска, на што Антиќ веднаш се пожали.

-Тешко е да се игра со маска. Првпат во животот имав повреда на носот. Не може да се гледа кога носиш маска. Тешко е да се приспособам, но морам да ја носам, вели Антиќ.

Тренерот на Атланта Мајк Буденхолцер изјави дека се надева дека Перо Антиќ за една недела ќе може да му биде на располаѓање.