Перо Антиќ отвора ресторан во Парк-резиденс

Единствениот Македонец во НБА отвора свој ресторан во станбениот комплес Парк Резиденс зад арената Филип Втори, дознава Економски.мк. Станува збор за партнерство со поранешниот менаџер на ресторанот Скала кој се наоѓа во близина на фонтаната Парк, каде што Антиќ бил секојдневен гостин.

По десетина години градење, неколку рушења, измени на намената на објектот и промени на сопственичката структура, контроверзниот „Кинески ѕид“ залепен до националната арена „Филип Втори“ минатиот месец официјално беше отворен под ребрендираното име – резиденцијален комплекс „Парк резиденс“.

Објектот со луксузни апартмани за живеење и хотел на пет ката беше легализиран од општина Центар, врз основа на Законот за постапување со бесправни објекти, а инвестицијата, по неколку годишна статус кво состојба, реши да ја дозаврши компанијата „Имморекс Македонија“.

Според информациите до кои дојде Економски, покрај комфорот за живеење кој го нудат инвеститорите, Скопјани ќе можат да уживаат и во угостителските услуги на ресторанот на Антиќ, кој би требало да почне со работа од август.