Пешевска: Туристичката понуда во Македонија е значително подобрена во споредба на времето на СДСМ

Девизниот прилив од странските туристи во периодот јануари-ноември 2016-та година достигнал 220,3 милиони евра или 15 милиони евра повеќе од 2015-та. Бројот на туристи лани во споредба со 2005-та година е зголемен за 2,5 пати, истакна на денешната прес-конференција Жаклина Пешевска од ВМРО-ДПМНЕ.

Во продолжение следува интегрален текст од прес-конференијата на Пешевска

Ова е реалност и ова се конкретни ефекти од политиките што ги реализираше ВМРО-ДПМНЕ.

Според официјалните податоци на Државниот завод за статистика Скопје и Охрид се најпосетуваните туристички дестинации. Тоа само покажува дека туристичката понуда и во Скопје и во туристичките места е значително подобрена, што само по себе е демант на сите лаги и манипулации кои СДСМ сакаше да ги продаде во јавноста за оправданоста на проектите кои во годините наназад се реализираа.

Континуираниот раст на бројот на туристи во земјата е резултат на напорите и вложувањата од страна на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ и нејзината силна фокусираност на ова прашање.

Почитувани,

Свесни за значењето на развојот на туризмот и неговиот инпут во македонската економија, во изминатиот период ВМРО-ДПМНЕ реализираше низа на проекти и мерки кои влијаеја на значително покренување на оваа гранка. Инвестициите во туризмот повлекуваат развој на 20 други стопански гранки.

Во таа насока Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ заедно со стратешки инвеститор ги реконструираше аеродромите Александар Велики и Св. Апостол Павле и директно субвенционираше на евтини авиолетови.
Се инвестираше во сообраќајната и туристичката инфраструктура во државата.
Беа доделени субвенции за привлекување странски туристи, а ДДВ-то за туризам се намали од 18 на 5%.
Континуирано се промовираа македонските туристички потенцијали на саеми за туризам ширум Европа и светот, но се инвестираше и во медиумска промоција.
Истовремено Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ инвестираше во зголемување на туристичките содржини и понуди, односно градење на нови плажи, музеи, изградба на туристички комплекси и слично.

Оттука и резултатите на оваа посветена работа се евидентни.

За жал не можеме да компарираме со резултатите во оваа област од времето на СДСМ, затоа што во голема мера овие бројки и проекти кои денес се реализираат или не постоеле како ставки во времето на нивното владеење или биле неспоредливо поминорни.

ВМРО-ДПМНЕ ќе продолжи да инвестира и реализира проекти од областа на туризмот. Затоа во програмата Реално ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, која граѓаните на изборите во мнозинство ја поддржаа нуди издржани проекти како на пример:

Промоција на 9 туристички развојни зони и формирање на развојни зони во руралните места и вински региони.

Развивање на велнес, спа и здравствен туризам.

Модернизација на скијачки центри.

Продолжување на проектот за субвенционирање за привлекување на странски туристи и

Збогатување и изградба на нови туристички содржини во постојните туристички дестинации во државата.