Пешевска: Владата на СДСМ против интересите на старите лица и пензионерите

Негрижата и потценувачкиот однос на СДС за потребите и барањата на граѓаните секој ден излегува на виделина, вели на прес-конференција Жаклина Пешевска од ВМРО-ДПМНЕ.

„Најново е дека владата на СДС удира врз интересите на старите лица и пензионерите. Со новиот ребаланс владата на СДС предвидува расипнички да ги троши парите на граѓаните на договорни услуги и дополнителни чисто партиски вработувања, а ги укинува предвидените пари за изградба на пензионерски домови и домови за стари лица. Се кратат 28 милиони денари со кои што меѓу другото требаше да се отпочне и со изградба на домот за стари лица во Гази Баба“, потенцираше Пешевска.

Истакна и дека Владата ги укина овие средства со кои требаше да се почне со изградба на домот со предвиден капацитет од 170 лица.

„Овој дом беше наменет за најранливата категорија на стари лица, односно за стари лица без приходи и материјално необезбедени стари лица, исто така стари лица со ниски приходи, болни и изнемоштени. Истиот беше предвидено да се гради во Општина Гази Баба, за што веќе има донесено ДУП и веќе има изработено проект. Домот требаше да биде со површина на објект 4.723 м/2 на градежна парцела од 1.543 м/2. Објектот беше предвиден да биде со подрум, приземје и 5 ката исто така и подземна гаража од 1.200 м/2. Ништо од ова нема да се реализира заради погубната политика на СДС. Ова значи дека еден сосема современ и објект за згрижување на стари лица според сите современи стандарди, нема да се гради заради тоа што на СДС му се побитни договорните услуги, набавката на морски плодови, цвеќиња, октоподи, и партиски вработувања“, рече Пешевска.

Потенцираше и дека овој проект беше долгогодишно барање на сојузот на пензионери и со овој потег владата на СДС целосно ги погази ветувањата за грижа кон пензионерите. Едноставно ги измами и ги излажа.

„СДС водени од слепата омраза кон политичкиот противник се подготвени да блокираат, уништуваат, стопираат или забрануваат проекти кои се во директен интерес на граѓаните. Сите граѓани, меѓу кои и пензионерите и старите лица веќе на свој грб почнуваат да ја чувствуваат целото лицемерие на СДС и на Зоран Заев. Нивната неспособност, нивниот недоволен капацитет и нивното незнаење се повеќе излегуваат и ќе продолжат да излегуваат на површината, а за жал ќе биде на штета на државата и граѓаните“, заклучи Пешевска.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.