Пешевски го отвори саемот „Технома 2015“

Пешевски го отвори саемот „Технома 2015“
Пешевски го отвори саемот „Технома 2015“

Заменикот претседател на Владата, Владимир Пешевски, денеска во халата „Метрополис“ на скопскиот саем, свечено го отвори 41-то издание на Саемот за металургија, електроника, енергетика, неметали, обезбедување и заштита, „Технома 2015“.

За време на своето обраќање вицепремиерот истакна дека за подобрувањето на конкурентноста и извозот во Република Македонија потребно е да се креираат производи и услуги кои создаваат дополнителна вредност на општеството, а иновациите и технолошкиот развој се помеѓу најбитните фактори за подобрување на конкурентноста и воопшто за подигнување на животниот стандард на граѓаните на Република Македонија.

Вицепремиерот потенцираше дека Република Македонија во изминативе години има направено голем исчекор напред кога се во прашање конкурентноста, иновациите и технолошкиот развој.

„Според извештајот на Светскиот економски форум, Република Македонија во 2007 година беше рангирана на 94 место кога е во прашање конкуретноста. Благодарение на креираните политики и систематскиот пристап кој го применува Владата на Република Македонија, а кои го следи и приватниот сектор, според извештај на Форумот за 2015-2016 година, Република Македонија ја подобри својата конкуретност за дури 34 позиции и сега е позиционирана на 60-то место. Не постои земја во Европа која има ваков раст на конкурентноста како Република Македонија“- истакна Пешевски.

Вицепремиерот истакна дека најголемо подобрувања во конкурентноста, е токму во столбот иновации и софистицираност, каде само за една година забележано е подобрување од дури 14 позиции, а во последните 7 години подобрувањето е за дури 43 позиции. Овие подобрувања се резултат на политиките на Владата на Република Македонија во областа иновации кадешто е донесена Стратегијата за иновации 2012-20120, Законот за иновативната дејност и формирање на Фондот за иновации и технолошки развој кој веќе го спроведува вториот јавен повик за давање на поддршка за компаниите.

Вицепремиерот уште еднаш ги повика сите компании кои ги исполнуваат условите од јавниот повик на Фондот за иновации и технолошки развој да аплицираат за некој од инструментите со кои ќе добијат поддршка за развој на иновативноста на своите компании, а со тоа ќе ја подобрат конкурентноста на Република Македонија.

41-от Меѓународен саем на металургија, електроника, енергетика, нематали, градежништво, обезбедување и заштита, „ТЕХНОМА 2015“,  ќе се одржува од 13-ти до 17-ти октомври. Повеќе од 185 директни од кои 135 домашни и 50 странски учесници ќе се претстават на на Скопски саем, каде се очекува посета од повеќе од 25.000 посетители. Истовремено, за време на Технома ќе бидат отворени и 16-от Меѓународен саем за занаетчиство и мало стопанство и 35-та Меѓународна изложба на иновации, Макинова. Домашните и странските компании ќе ги претстават своите најнови технолошки достигнувања, како и проектите за енергетска ефикасност и иновации.