Пешевски: Кинескиот фонд отворен со цел да се олеснат трговските рути кон нашиот регион

Кина најави формирање на посебен фонд за сите земји, годинава предвидени се 3 милијарди евра, а догодина 10. Каков е инетерсот на Македонија за користење на овој фонд? ТВ Нова директно од Рига, на оваа тема зборуваше со еден од претставниците на македонската делегација, Владимир Пешевски.

„Целиот фонд треба да се набљудува во насока на севкупната стратегија што Кина ја има за овој регион, за овие 16 држави. Она што сакаат е да ги олеснат трговските рути кон овој регион. За таа цел во првобитната програма беа ставени на располагање 10 милијарди долари за инфраструктурни проекти, кои ќе се финансираат преку банката на Република Кина и ние како држава имавме подготвени проекти, аплициравме и ги добивме средствата за изградбата на двата автопати“, истакна Пешевски.

Тој додаде дека другите држави се вклучија подоцна и голем дел од тие средства се веќе искористени или насочени кон дадени проекти.

„Кина го прави ова со цел да си ги обезбеди своите стратешки интереси, но тоа не значи дека се во спротивност со нашите или на земјите од овој регион. Затоа го прават овој втор инструмент, што е прилагоден на забелешките на ЕУ што ги имале во првите години, па затоа овој фонд е структуриран како фонд за приватни инвестиции, но има и државен капитал и приватен капитал. Пониски се очекувањата во однос на повраток на средства што треба да го оствари фондот и се насочуваат кон инвестиции за инфраструктурата, но поради овој начин на функционирање ќе се оди кон модели за концесија и јавно приватно партнерство.Првите 10 милијарди беа повеќе кон задолжување, кредитно задолжување со изведување од страна на кинески копании, сега се прилагодува моделот каде можат да бидат вклучени, но не мора да бидат вклучени кинески компании во изведување на проектот, но ќе бидат вкклучени во сопственоста.“, појасни Пешевски.

Вицепремиерот додаде дека со оглед на тоа што структурата е приватен инвестициски фонд, иако зад него стојат и државни пари, ќе можат и приватни компании да конкурираат за проекти, не само во делот на инфраструктура, туку и на се што значи комерцијално работење, но поттикнува извоз од регионот кон Кина.

„Кина има суфицит речиси со сите држави во светот и тоа е неодржливо, врши притисок врз нивната валута, од тие причини Кина ќе гледа да инвестира во компании кои преку овие трговски рути ќе можат да извезуваат назад во Кина, но тоа е одлична шанса особено за поголемите компании. На пример, кога некоја компанија од фармацевтската индустрија сака да извезува во пазарите на Кина или соседните земји, може да добие средства преку фоднот, да ги искориости, што ќе значи отворање на нови работни места и капитал“, истакна Пешевски.

Како што рече, самиот процес на аплицирање допрва ќе биде развиен, но искуството што го имаат одредени финансиски институции во нашата земја е драгоцено и веќе знаеме како да аплицираме за меѓународни кредитни линии.

„Овде е малку поспецифично и посложено, но искуството ќе биде драгоцено да го испитаме интересот кај компаниите, условите на финансирање ќе бидат атрактивни, да им помогнеме со експертиза, контакти. Обично кај такви проекти има некои инфраструктурни прашања кои треба да се решаваат. Државата ќе преземе обврски да помогне во тој процес и работите да се завршат побрзо“, заклучи Пешевски.