Пешевски на Светскиот форум на бизнис ангели во Истанбул

Бизнис ангелите имаат особено големо влијание во креирањето нови работни места, овозможуваат полесен пристап до финансиски средства за компаниите и се особено значајни за имплементација на иновации добиени со претходни искуства. Инвестициите на „бизнис ангелите“ достигнаа 5,5 милијарди евра со што се создадени над 180.000 нови работни места.

Тоа се заклучоците што вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски ги презентираше во завршниот дел од тркалезната маса која се одржа во рамките на „Светскиот инвестициски форум на бизнис ангели“ (WBAF – World Business Angels Investment Forum) во Истанбул, Република Турција.

Вицепремиерот беше главен говорник и модератор на  „Тркалезната маса на Форбс: Зошто на светската економија и се потребни бизнис ангелите?“, која се одржа во Истанбул, како дел од активностите на „Светскиот инвестициски форум на бизнис ангели“.

Пешевски во своето излагање истакна дека Владата на Република Македонија го препозна значењето на „Бизнис ангелите“, а спомена дека во подготовка е законска рамка со која ќе се регулираат инвестициите на бизнис ангелите во земјата со цел компаниите да ги искористат сите бенефити од овој начин на поддршка.

На тркалезната маса дискутираа и Четин Али Денмез, оперативен директор на Истанбулската берза, Чарлс Сидман од САД, Боштјан Скалар од Република Словенија,  Лариса Бест од Луксембург и Павел Коктјишев од Република Казахстан, еминентни практичари и експерти од областа на „Бизнис ангелите“.

Светскиот инвестициски форум на бизнис ангели е во организација на Глобалната мрежа на бизнис ангели, во соработка со Европската трговска асоцијација за пазарни инвестиции на компании во рана фаза на развој и бизнис ангели (EBAN), МЕНА мрежата на бизнис ангели (MBAN), Афричката мрежа на бизнис ангели (ABAN) и Асоцијацијата на бизнис ангели во Турција (TBAA).

На форумот како говорници учествуваат стотина реномирани економски експерти и бизнисмени и на едно место се презентираат најдобрите искуства и практики од јавниот и приватниот сектор за полесно обезбедување на финансиски средства на малите и средните компании, кои се двигател на економскиите во земјите.