Македонија

Пешевски: Одлагањето на разговори значи продолжување на економската несигурност

Пешевски: Одлагањето на разговори значи продолжување на економската несигурност

Секоја состојба на продолжена криза е негативна за економијата бидејќи нормално е кај граѓаните и кај инвеститорите да се создава чувство на несигурност и тоа ја успорува економијата. Каква и да е кризата таа завршува со некакви разговори. Затоа и шансата што се пропушти во Виена и одлуката на Заев да не присуствува е одлука за продолжување на кризата.

Ова во вестите на Канал 5 го истакна вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски.

-Колку и да се трудиме во Владата, економскиот тим, изминатиот период задржавме стабилност и економски раст, но продолжувањето на кризата не може да оди во недоглед. Неодењето во Виена всушност значи и одлагање на денот на постигнување на некакво решение, а тоа значи дека ефектите врз економијата постепено ќе почнат да стануваат негативни. Ние, како што најави и гувернерот Богов, раст проектираме дека ќе имаме, но тој успорува и ако продолжи кризата може да имаме негативни стапки на раст. Одлагањето на овие разговори всушност значи продолжување на економската несигурност, а можно е и негативни ефекти врз економијата, вели Пешевски.

Вицепремиерот посочи дека имаат редовни средби со странските инвеститори, се со цел упатување поради на стабилност дека владата и институциите продолжуваат да се грижат за компаниите.

-Мислам дека успеавме да им упатиме порака дека состојбата е стабилна, дека треба да се продолжи, дека граѓаните, политиката, Владата и сите чинители сакаат оие инвеститори да останат во Македонија, сега за сега нема ниту една најава дека некој од нив ќе си оди и она што е најважно е дека оние кои во изминатите 12 месеци најавија дека ќе дојдат во Македонија продолжуваат со нивните планови. Навистина напорно работиме токму на тоа, да дојдат оние кои ја донесоа веќе својата одлука, бидејќи тоа се новите работни места и реално што му треба на македонскиот граѓанин, потенцираше вицепремиерот Пешевски.