Пешевски: Проектите на СДСМ се насочени кон штитење на нивното партиско раководство и внесување на нестабилност

Заложбата на ВМРО-ДПМНЕ е решавање на реалните проблеми кај граѓаните. Секој човек може да се врати назад во овие 10 години и да види што се е направено, проекти кои го олеснуваат живеењето за сите граѓани, истакна вицепремиерот Владимир Пешевски на партиската трибина во Василево.

Ние не се фокусираме на тоа што го прави СДСМ. Нивните проекти се насочени кон штитење на нивното партиско раководство, внесување на нестабилност во државата со цел да си го продолжат својот мандат без притоа да водат сметка за граѓаните на Република Македонија. ВМРО-ДПМНЕ и покрај политичката криза која трае повеќе од една година, покажа што е разликата меѓу нас и СДСМ.  Ние продолживме со имплементација на сето она што го ветивме во нашата партиска програма и реализиравме голем број на други проекти, рече Пешевски пред голем број на граѓани.

Тој потенцира дека луѓето од СДСМ не излегоа ниту со еден предлог или проект со кој ќе се подобри животот на граѓаните, па дури ни сега кога имаат нивни луѓе во министерствата.

Од нив видовме само проекти за набавка на нови возила, намештај, унапредување на партиски кадри на незаконски начин. Управниот суд им ги укина сега тие одлуки, посочи тој.

Пешевски потенцира дека само во изминативе два месеци 15-тима фирми објавија инвестиции во збирна вредност преку 150 милиони евра во кои ќе се отворат над 5000  нови работни места.

Доказ за тоа која партија како работи се и анкетите кои го испитуваат јавното мислење за довербата кај граѓаните во политичките партии.

Тоа го разбра и меѓународната заедница. Иако можеби на почетокот имаа други цели, сфатија дека не можат да одат против волјата на народот. Затоа сега се дава поддршката. ЕУ и ЕК велат дека е време да се оди на избори, кој сака и кој е спремен нека учествува, кој не не мора да учествува. Кој се плаши не мора да дојде. Изборите ќе бидат во фер услови. Ние секогаш сме биле за тоа да има силен мониторинг на избори бидејќи сме сигурни во своите  квалитети и во својата победа, рече Пешевски.

Тој потенцира дека ВМРО-ДПМНЕ ќе ја понуди најквалитетната политичка програма.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.