Македонија

Пешевски во Чашка: Гледаме да исполниме повеќе од ветеното

Пешевски во Чашка: Гледаме да исполниме повеќе од ветеното

Вицепремиерот задолжен за економски прашања Владимир Пешевски денеска придружуван од претставници од повеќе државни институции ја посети општина Чашка каде изврши увид на повеќе проекти завршени или во фаза на реализација и оствари повеќе средби со граѓани.

Тој го посети селото Мелница каде граѓаните изразија благодарност до Владата и до градоначалникот на општината Горанчо Пановски за асфалтирањето на пристапниот пат до селото. Станува збор за пат во должина од 4 километри што го поврзува селото Мелница со населба Чашка, инвестиција вредна 500.000 евра обезбедени од Светска Банка.

– Сите ветувања гледаме да ги исполниме, а доколку може и повеќе од тоа. Тоа е нашата филозофија на работа, рече Пешевски.

Градоначалникот вети изградба на уште една улица во селото покрај четирите веќе изградени, а која треба да започне да се гради за десет дена.

Во селото Лисиче вицепремиерот Пешевски изврши увид на изградбата на фекалната канализација, приоритетен проект за локалното население, кој треба да биде завршен до февруари следната година. Парите во износ од 13 милиони денари се обезбедени од Владата преку проектот за подобрување на локалната патна и водоводна инфраструктура.

Во однос на водоснабдувањето за ова место, градоначалникот Пановски информира дека ќе се изготви проектна документација за поврзување на селото со хидросистемот Лисиче. Со тоа ќе се надмине проблемот со водоснабдувањето, за што нагласи дека општината ќе обезбеди средства.

Во текот на посетата на населбата Чашка жителите, од кои 70 проценти се занимааат со одгледување тутун, изразија задоволство што добија уверување дека Владата ќе продолжи со субвенционирањето на тутунопроизводството.

– Со влегувањето во Европската Унија производството на тутун ќе се намали, но тоа ќе оди постепено и ќе се пренасочи на производство на други култури, рече Пешевски.

За време на средбата беа разменети мислења и за развојот на Чашка како потенцијална дестинација за рурален и манастирски туризам. При тоа беше истакнато дека за тоа во многу ќе помогне доизградбата на патот од манастирот во село Мокрено до регионалниот пат во должина од 2,7 километри.

Пешевски посочи дека преку Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој се обезбедени 278 илјади евра и по завршувањето на тендерските процедури се очекува оваа делницата да се изгради до средината на наредната година.

Според градоначалникот Пановски, во општина Чашка досега се инвестирани 4 милиони евра, од кои три за патна инфраструтура и еден милион за водоснабдување, а за 42 населени места целосно е решено осветлувањето.