Пешевски: 17 компании веќе почнаа со реализација на своите инвестиции

Сите макроекономски показатели, сето она што значи еден одзив на економијата на политиките на Владата се позитивни, блежиме раст на бруто домашниот производ, во првиот квартал од 3,5 проценти, а во вториот квартал од 4,3 проценти и тоа претставува највисок раст на било која економија во Европа. Македонија на некој начин со своите економски политики, со она што го прават компаниите и инвеститорите, покажува дека знае што прави и е на добар пат, истакна вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски во вестите на ТВ Сител.

-Имаме раст на индустриското производство во првата половина на годината, имаме раст на извозот, значителен раст кај странските инвестиции, особено имаме раст кај извозот од индустриските зони,кој што е преку 90 проценти споредено со минатата година. Укажувањата се дека ќе имаме една, економски гледано, добра година, од досегашните резултати, рече Пешевски.

Вицепремиерот потсети дека дел од најавите за инвестирање, веќе се реализираат.

-Околу 17 компании кои пред изборите ги најавија своите инвестиции, сега се во фаза на реализација, рече Пешевски.

Во однос на инфраструктурата, Пешевски истакна дека има најдобри резултати од сите останати области.

-Веќе се во фаза на изградба три автопатски делници, сите тие се договарани од оваа Влада во претходниот период. Имаме проекти во делот на енергетиката, целосно нов ветерен парк, обновени и рехабилитирани се сите постоечки хидроцентрали, изградени се голем број на регионални и локални патишта, се гради пругата кон Бугарија, како и низа на други помали инфраструктурни проекти, заврши вицепремиерот.