Пешевски-Дојл: Oтворање на нови пазари за нашата туристичка понуда

Вицепремиерот Владимир Пешевски оствари средба со претседателот на Светската Асоцијација за Активен Туризам, Крис Дојл како и со дел од учесниците кои беа дел од караванот „Недела на авантури“.На средбата се дискутираше за можностите за соработка со странски туроператори од Северна Америка и Западна Европа.

Овој вид на соработка ќе придонесе за зголемување на бројот на странски туристи кои ја посетуваат Република Македонија како и позиционирање на нашата држава како атрактивна дестинација на светската туристичка мапа .Вицепремиерот Пешевски ја потенцираше поддршката која Владата ја дава за унапредување на туризмот, како и мерките преземени за зголемување на туристичкиот промет во нашата држава.

Тој истакна дека согласно целите на Стратегијата на развој на туризмот за привлекување на странски туристи бројот на странските туристи во Македонија изминатите 8 години двојно е зголемен, односно за 98%.

Соработката со странските туроператори е од исклучителна важност за нашата земја при изнаоѓањето на нови пазари, можности и потенцијали за промоција и достојно претставување на Македонија во областа на туризмот на глобално ниво.

Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот на Македонија во соработка со проектот на УСАИД за експанзија на мали бизниси и Интернационалната Асоцијација за Активен Туризам (Adventure Travel Trade Association – ATTA) организираа „Недела на авантури – Западен Балкан“, каде учество зема група од 26 интернационални медиуми и туроператори.

Целта на овој настан беше презентација на туристичките потенцијали на Македонија, како и отворање на нови интернационални пазари за нашата туристичка понуда.

Во состав на делегацијата беа и директорот на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, Кристијан Џамбазовски, како и Карл Ларкинс, претставник на USAID.