Пешевски: Главните барања се исполнети, учениците да се вратат на настава!

Владата на Република Македонија преку Министерството за образование и наука преговараше со средношколците и направи најголем дел од измените кои тие ги бараа. Главните барања на учениците се веќе исполнети.

Повеќе нема да има преговори, а денес и утре најважно е средношколците да се пријават за матурскиот испит. Истиот ќе се полага од 11-ти јуни до 19-ти.

Вицепремиерот Владимир Пешевски гостуваше во дневникот на Сител, каде ги повика средношколците да се вратат на настава за да го фатат рокот за полагање, а испрати и апел до родителите дека тие најмногу влијаат на нивните деца. Сепак, посочи Пешевски, кај дел од родителите и професорите има политичка агенда.

-Гласот на родителот е многу важен, тие најмногу влијаат на нивните деца како ќе се однесуваат. Но, мора да бидеме свесни дека и кај еден дел од родителите и кај дел од професорите во суштина има и политичка агенда позади нив. Не е во ред кога во целата таа битка се втурнуваат децата. Оние кои имаат за цел да остварат политички поени, ги постигнаа. Да завршиме со тој процес! Посебно апелирам до професорите, не би сакал да се доведеме во ситуација дека Владата и МОН се конфронтира со професорите. Точно е дека постоеа определени слабости во екстерното тестирање и тие се обидуваме да ги надминеме. Но, ние во Владата и во сите државни институции и професорите сме дел од државниот апарат. Тие носат голема одговорност кон децата и го цениме нивниот напор, ги цениме и обидите да се подобри целиот процес, рече Пешевски.